Достапни линкови

МНР треба да испрати остар демарш


Откако српската влада призна дека ја финансирала православната Охридска архиепископија на Вранишковски, во македонската влада во тек се дискусии како да се реагира, додека реакциите на јавноста не стивнуваат. Објавувањето на документот со кој српското министерство за вера, на жиро сметка на православната охридска архиепископија префрлила околу шест илјади евра надомест за месец јануари, фрла јасна светлина дека на Балканот сеуште постојат центри на моќ што сеуште не расчистиле со идеите на минатото и не сакаат Балканот да се приближи кон ЕУ и НАТО, Македонија треба да го има предвид тоа, коментира Јован Донев од Институтот Евро-Балкан:

„Во Србија сеуште во самото општество има сили кои не може да се прилагодат на времето во кое живееме и на процесите кои течат на Балканот. Додека тој процес не заврши Република Македонија треба да биде свесна дека тие сили постојат. Не велам дека треба сега да се караме, тепаме итн, но секогаш треба да имаме предвид дека може тоа да ни се случи. Населението во Република Македонија треба да сфати дека живее во свет каде што интересите се нешто што стои зад политиката на државите. Од тие причини неопходно е и ние да се однесуваме според нашите интереси. Очекувам МНР денеска да испрати најостар демарш до српската влада и во исто време дека треба да покажеме и на останатиот свет дека сеуште имаме сериозни проблеми на Балканот.“

Дека станува збор за сериозно мешање во внатрешните работи на државата вчера не исклучи ниту претседателот на државата Бранко Црвенковски:

„Во секој случај ваквите постапки на владата на Република Србија не се придонес ниту кон јакнење на добрите односи меѓу две соседни земји, ниту за секуларизмот за кој декларативно се залагаат сите.“

Според професорот Донев случајот на инволвираноста на српската влада во случајот Вранишковски би требало да биде предмет на интерес и на меѓународната заедница, тој вели:

„Ние овој момент треба да го искористиме и да објасниме на членките на ЕУ и на НАТО, дека не случајно цело време инсистираме за прием во НАТО. Дека ние сеуште како Република Македонија и граѓани на Република Македонија не се чувствуваме безбедни, затоа што мислиме дека постојат центри на моќ кои не сакаат наше приближување кон ЕУ и НАТО.“

Од друга страна, МПЦ која вчера го објави документот побара од државната власт да ги испита сите канали за внесување туѓо државни средства за дејствување против Република Македонија.
XS
SM
MD
LG