Достапни линкови

Недоволно за заживување на економијата во Македонија


Повеќето домашни експерти не се согласуваат со мислењето на Светската Банка дека бавниот, но сигурен, наместо брзиот иако неодржлив економски раст, можат да донесат позитивни економски резултати во државава. Тоа според нив ниту сега, ниту пак се случило во изминатово едно децениско наше искуство со овие меѓународни организации чија политика ја следиме. Економски раст од 4% во земјава неможе да донесе долгорочен развој ниту на стопанството, ниту пак би се намалила невработеноста, за економијата да заживее потребен ни е раст од најмалку 7 % вели професорот по економија Душан Вељковиќ:

„Во Македонија имаме негативни трендови односно имаме долгорочно опаѓање на стопанската активност и на БДП и се разбира на индустриското производство, па според тоа 4% раст е ниска база и тоа нема да може да донесе резултати во решавањето на најтешкиот проблем во земјава, а тоа е невработеноста. Доколку сакаме да имаме некој развој тогаш би требало да бидеме задоволни со некоја стапка од над 7% на годишно ниво.“

Економскиот експерт од Центарот за економски анализи Марјан Николов, додава дека не само за домашната економија, туку вакиот раст неможе да ја направи земјава конкурентна ниту на европскиот пазар:

„Значи не е поентата да се работи на стандардизирање на економскиот раст туку се работи за тоа, колку брзо ќе можеме да ја прилагодиме нашата економија, со економијата на ЕУ.“

Објаснува Николов.
Во оваа насока, коментирајќи ги се поприсутните дилеми дали следењето на политиката на ММФ и Светската банка се покажаа или се покажуваат како оправдани во изминативе години професорт Вељковиќ забележува:

„Ние едноставно немавме избор, меѓутоа јасно е дека таа соработка досега не се одрази на планот на заживување на стопанството и економскиот пораст.“

Николов пак потенцира дека ќе мораме да се соочиме со бавните резултати од следењето на политиката на меѓународните организации, и според него тие ќе ни бидат потребни се додека отсуствува заедничка стратегија за развој на економијата во државава:

„Доколку има политичка воља за да се спроведе одредена политичка програма, во тој случај ММФ нема да ни треба, но се до тој степен Меѓународниот монетарен фонд ќе си има одредена улога во Македонија.“

заклучува Николов.
XS
SM
MD
LG