Достапни линкови

Македонија полноправна членка на ЦЕФТА


По речиси две години од поднесувањето на барањето за прием, Македонија станува полноправна членка на Договорот за слободна трговија меѓу земјите од Централна Европа - ЦЕФТА. Членството во ЦЕФТА значи трговска либерализација односно меѓусебно разменување на производи без царина со земјите од централна Европа, но приклучувањето кон ова економска асоцијација се смета и за чекор напред во приближувањето кон Европската Унија, за оние држави кои не се дел од неа.

„Значи со ова на еден начин, влезот во ЦЕФТА може да се третира како средство за регионална соработка и практично доказ за политичката и организациона зрелост на земјите претенденти за влез во Европската Унија.“

Изјавува Крум Ефремов од Министерството за економија. Во ЦЕФТА главно членуваат држави од Централниот дел на Европа кои веќе се дел од Европската Унија, а во неа освен државава пристапуваат и Романија, Бугарија и Хрватска. Во однос на трговската соработка меѓу овие земји, Ефремов објаснува

„Ние како земја имаме Договори за слободна трговија со Бугарија, Романија и Хрватска, но на еден начин со ова одиме на една поголема либерализација.“

Но, наспроти ставот на владините институции, стопанствениците во државава се со поделени мислења околу економското значење од членството во ЦЕФТА. Владимир Матевски коориднатор во Сојузот на стопански комори, изјавува:

„Има стопанственици кои ја подржуваат оваа идеја сметајќи дека на тој начин ќе се подобри протокот на стоки и ќе има помалку барирери, а од друга страна има стопанственици кои сметаат дека со оваа Унија ќе се дефокусира соработката со други земји.“

Но, и покрај пристапувањето на дел од земјите од регионот кон ЦЕФТА, некаде во март се очекува да почне и реализацијата на идејата на Европската Унија за формирање на слободна економска зона за земјите од Западниот Балкан. Од Министерството за економија изјавуваат дека нема никаква спротиставеност за членување на земјава во двете економски асоцијации.

„Значи не се работи за нешто што ќе има негативно влијание врз ЦЕФТА процесот, напротив ЦЕФТА искуството ќе се искористи за градењето на тој единствен договор и ќе претставува база за измена и дополна, односно за градење на новиот договор во регионот врз база на искуството на земјите кои биле вклучени во ЦЕФТА договорот. Значи еден вид на модернизиран ЦЕФТА договор.“

Практично, објаснува Ефремов, во единствениот Договор за слободна трговија на земјите од Западен Балкан ќе бидат вклучени и оние земји кои неможат да бидат дел од ЦЕФТА договорот.
XS
SM
MD
LG