Достапни линкови

Албанците на страна од социјално економските активности


Испитувањата на јавното мислење покажуваат ист степен на загриженост по однос на економските прашања, и меѓу македонската и меѓу албанската популација во земјава. Но, додека кај првите незадоволството кулминира со протести кои и го одбележија минатиов месец, впечатокот е дека меѓу албанската етничка заедница, социјално економските протести, за разлика од политичките, не се многу популарни, ова мислење го делат и аналитичарите кои потенцираат дека тоа пред се се должи на недовербата и етничката поделеност, која албанската етничка заедница во државава ја гледа во Синдикалните организации. Аналитичарот Исо Руси вели:

„Синдикатите кај нас не успеаа успешно да се трансформираат во вистински Синдикати, тие исто така за жал како и целиот цивилен сектор се поделија по етничка основа и имено се што беше старо во системот е предмет на недоверба кај Албанците.“

Коментирајќи го феноменот, во организирањето на протести на политички теми, наспроти оние чија суштина се економските прашања, аналитичарот Руси го лоцира во приоритетот што меѓу албанската популација сеуште постои во остварувањето на нивните права во општеството:

„Сите тие работи биле и ќе бидат приоритет за албанците бидејќи нивното остварување било барано со години, како тензијата ќе се симне и кога ќе се решат овие политички проблеми, така ќе има веројатно сензибилитет кој ќе се искажува и на тој начин, но за тоа ќе биде потребно време.“

Претседателот на Синдикатот на образованието, науката и културата Дојчин Цветановски пак, од досегашното искуство вели дека во последните две години ситуацијата е изменета и се повеќе албански членови и се приклучуваат на оваа синдикална организација, што претходно не било случај:

„Се чувствуваа за нерамноправни, тоа беше факт, не беа ни приближно подеднакво застапени, во органите на Синдикатот, што беше аргумент плус во нивни раце.“

вели Цветановски. Досегашното недоволно ангажирање на институциите од областа на економијата, пред една година го иницираше оформувањето на Стопанската Комора на северозападна Македонија во која членуваат повеќе од 650 пред се албански бизнисмени од овој регион на земјава. Претседателот на Комората Џемаили Даути за мотивите за посебно организирање изјавува:

„Оваа таргет група на стопанственици не беа опфатени. Со нашето организирање ние не создаваме паралелизам, туку го покриваме оној дел што не беше опфатен.“

потенцира Даути.
XS
SM
MD
LG