Достапни линкови

Владеачките и опозиционите партии со позитивни реакции


По изјавата на премиерот Владо Бучковски, дека парламентарните избори треба да се одржат пред годишните одмори, и владеачките и опозициските партии со позитивни реакции. Од Социјал демократскиот сојуз не сакаа да ја коментираат изјавата на премиерот, зашто како што велат се работи за изјава на првиот човек на СДСМ. Нивниот коалициски партнер од албанскиот блок, Демократската Унија за интеграција смета дека најдобар термин за одржување на изборите е почетокот на јули, односно пред започнувањето на годишните избори на 15 јули.

„В ред би вило месецот на одржување на изборите да биде јули, затоа што многу наши луѓе се враќаат во земјата и би ја искористиле приликата да гласаат,“

изјави Рафиз Алити потпредседател на ДУИ.

Избори пред годишните одмори е за доброто на државата и жално е што требаше да дојдат еврокомесарот Оли Рен и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Бросо тоа да му го кажат на премиерот Бучковски , беше реакцијата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Од ВМРО Народна партија со став дека парламентарните избори треба да се одржат во својот редовен термин:

„Ние сме за редовни парламентарни избори, најраниот термин почеток на јули ни одговара. Не верувам дека премиерот ќе се одлучи за предвремени парламентарни избори, но и да се одлучи за нас е прифатливо било какво решение,“

изјави Жарко Караџоски од ВМРО Народна партија.

Од Демократската партија на Албанците велат дека поради моменталната политичка клима во земјава, одржувањето на предвремени избори е најдобро решение за сите граѓани.

„Има недоразбирања меѓу коалиционите партнери. Имаат предвид дека понатаму состојбите може да се влошат, подобро е да има предвремени избори,“

изјави Илијаз Халими од ДПА

Од претставништвото на Европската Унија во земјава велат дека она што е најважно е начинот на кој изборите ќе бидат спроведени, а не тајмингот.

„Ние не сме посебно заинтересирани за терминот на одржување на изборите, тоа е нешто за што владата и парламентот треба да донесат одлука, но она за што ние сме заинтересирани за начинот на кој изборите ќе бидат спроведени. Се надеваме дека сите наши препораки како и практичните и технички реформи кои се потребни ќе бидат спроведени на следните избори.“

изјави портпаролот на Европската комисија во земјава, Андреа Анџели.
XS
SM
MD
LG