Достапни линкови

Во Скопје има најголема невработеност


Невработеноста е еден од најголемите проблеми во Македонија. Според Центарот за економски анализи, невработеноста е најголема во Скопје, односно околу 83 илјади луѓе бараат работа, но истовремено и понудата на работни места е најголема во главниот град. Затоа и најголемиот дел од младите својата среќа по работно место ја бараат токму во Скопје, што доведува до натамошно назадување на другите градови во Македонија.

Во Македонија има нерамномерност во вработувањето. Според податоците неодамна објавени од Центарот за економски анализи, пазарот на трудот и понудата на работна сила најповеќе е сконцентрирана во Скопје, наспроти останатите градови во внатрешноста на државава. Поголемата раздвиженост во економијата, развиената инфраструктура, но најповеќе сконцентираноста на квалитетниот кадар од целата земја во градов, ги насочува инвеститорите повеќе да вложуваат, во главниот град наместо во останатите. Иако невработеноста во Скопје, каде повеќе од 83 илјади лица бараат работа, е најголема во однос на останатите градови, во исто време и побарувачката за работна сила е поголема за разлика од внатрешноста на државата. Дарко Велков од Вработување берза, лиценцирана Агенција која посредува при вработување вели:

„Апсолутно има разлики. Прво влијанијата што ги има во Скопје за разлика од другите градови е поголема. Понудата и побарувачката на економијата во Скопје е малку поразвиена, заради тоа и сите доаѓаат тука, но мислам дека со време тоа ќе биде и клучен проблем на самиот град. Значи, преголемата конкуренција ќе направи многу луѓе да останат без работа. Нема никакво преструктуирање на пазарот, сите одат кон Скопје, а никој не оди кон другите градови.“

Поради поголемата веројатност за наоѓање на работно место, мигрирањето на квалитетниот кадар од внатрешноста во земјава во Скопје, е големо. 27 годишниот Александар од источниот дел на Македонија раскажува зошто по студиите останал во главниот град наместо да се врати дома:

„Прво има помалку институции, значи има помалку можности за вработувања и помал е спектарот на работи кои што можат да се работат. Во Скопје е и централната и локалната власт и со тоа развојот на градот е поголем, па може повеќе да се најде и работа.“

Изјавува Александар. Велков од Агеницијата Вработување берза пак, потенцира дека мора да се работи на развој на останатите региони во државава, но и на едуцирање на работната сила од внатрешноста.

„Треба паралелно да се работи. Менаџерите исто така треба да бидат добро едуцирани, за да може реално да пренесат добро знаење на своите вработени и на тој начин ќе сватат дека не е се во Скопје, затоа што доколку има квалитетен кадар во производството во Штип или Кавадарци мислам дека добро ќе го направат како тие во Скопје.“

Вели Велков.
XS
SM
MD
LG