Достапни линкови

Со учеството државава стекна голем политички кредибилитет, велат од Министерството за одбрана


Како дел од НАТО аспирациите, Македонија од минатата година покрај присуството со свои војници во Авганистан и Ирак, го прошири учеството во меѓународните мировни мисии и со медицински тим. Имено денеска, па наредните шест месеци за Авганситан во рамки на учеството во мисијата ИСАФ, заминува втората екипа медицински лица од земјава кои се дел од здружениот медицински тим на земјите од Јадранската група, во која освен Mакедонија се и Хрватска и Албанија. Мајор Здравко Ризовски портпарол на Генералштабот на АРМ вели:

„Здружениот медицински тим на АРМ во состав на здружениот медецински тим од земјите од Јадранската група во мисијата ИСАФ во Авганистан што ќе биде во состав на грчкиот контингент, брои 12 лица. Македонскиот контингент го сочинуваат еден лекар и тројца медицински техничари.“

Новата медицинска екипа, ќе го замени првиот контингент кој учествуваше во мисијата во Авганистан, чиј лидер беше претставникот од Македонија, а кој за успешно завршената мисија доби високи оценки од претпоставената команда. Кои се предизвиците, да се биде дел од меѓународната антитерорисистичка коалицијата,доктор Виолета Иванова, која заедно со уште тројца нејзини колеги е дел од вториот македонски контингент вели:

„Голем предизвик е и привилегија на еден начин да се биде дел од мировна мисија. Да се помогне на луѓето во Авганстан, значи да се помогне и на Македонија.“

За оваа година Министерството за одбрана најавува зголемување на бројот на македонски војници во мисиите во Ирак и Авганистан, а освен со партиципирањето со свој медицински тим, Македонија ќе го прошири присуството во меѓународните мисии и преку учеството во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина. За значењето од учеството во меѓународните операции, министерот за одбрана Јован Манасиевски изјавува:

„Тука е огромно политичкото значење, затоа што со партиципација во НАТО водените операции и во операциите на антитерористичката коалиција, ние како држава стекнавме голем политички кредит и самите тие постапки ја зголемија моќта на Македонија во одбрана и промовирање на своите државни интереси.“
XS
SM
MD
LG