Достапни линкови

Вести

Право на јавен протест или право на слобода на движење?

Честите блокади на магистралните патишта како и протестите пред државните институции пред кои незадоволните граѓани го изразуваат својот револт го иницираа предлогот за донесување на Закон за јавни собири. Тој пак од друга страна предизвика поделени мислења во јавноста. Неопходно ли е донесувањето на ваков закон? Роза Каровска Топузовска од Либерални демократската партија, една од потписничките на овој предлог закон вели дека овој закон не го ограничува правото изразување на незадоволство, туку се прецизираат местата на кои тоа може да се прави.

„Јавниот протест може да се одржува пред владата, собранието, пред зградите на локалната самоуправа, единствено не смее да се одржува на магистрални патишта, автопат и во близина на детски градинки,“

објаснува Каровска Топузовска

Според Славица Грковска од Социјал демократскиот сојуз уставно загарантираното право на јавен протест не треба да го ограничува правото на слобода на движење на останатите граѓани.

„Таквото право се злоупотребува од мала група луѓе, на сметка на останатите,“

изјави Грковска

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да го поддржат предложениот закон, кои според нив значи кршење на основните човекови права:

„Сите овие ограничувања наведуваат дека на граѓаните им останува правото да го искажат својот протест единствено на ливадите, а со тоа се губи и смислата на протестот,“

изјави Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ

Од Партијата за демократски просперитет со став дека законот е добар, но тој треба да претрпи одредени измени.

„Има место за некои измени, но овој закон треба да биде прифатен од сите пратенички групи,“

вели Абдулади Вејсели од ПДП

И експертите со став дека правото на јавни собири е дозволено, а според меѓународната регулатива јавните протести не треба да ги загрозат есенцијалните права на граѓаните.

„Ако кажеме дека не смее да се протестира пред владата, значи дека владата нам ни е најесенцијалното прашање? Есенцијални прашања се електро постројки, хидроцентрали, патишта кои водат до болници. Мора многу прецизно да биде дадено, и секогаш се дава само каде што не смее,“

заклучува Мирјана Најчевска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

види ги сите денешни вести

Израел соопшти дека елиминирал член на Хезболах во Голанската висорамнина

илустрација
илустрација

Израелската војска соопшти дека елиминирала член на Хезболах во Сирија, кој пренесувал разузнавачки информации против Израел во Голанската висорамнина окупирана од Израел. Во меѓувреме сириските медиуми во четвртокот објавија дека израелските воздушни напади погодиле цели во Сирија, пишува Ројтерс.

Израел, кој со години извршуваше напади врз цели поврзани со Иран во Сирија, ги засили нападите по нападот на Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година. Хамас е прогласена за терористичка рганизација од САД и ЕУ.

Одмаздата на Израел за нападот на Хамас, ескалираше со испраќање војници во Либан и воздушни напади во Иран, Јемен и Сирија за да ги ловат милитантите поддржани од Иран, зголемувајќи ги стравувањата од поширок конфликт на Блискиот Исток во кој би можеле да бидат вклучени Иран и САД.

Копнените судири меѓу израелските сили и Хезболах, кој исто така е поддржан од Иран, се разгореа по должината на планинската граница на јужен Либан во средата, додека Блискиот Исток беше во состојба на готовност во очекување на одговорот на Израел на минатонеделниот ирански ракетен напад.

Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа за потенцијалната израелска одмазда против Иран во средата, во разговор што двете страни го оценија како позитивен. Двајцата разговараа за плановите на Израел во 30-минутен разговор, при што Бајден го повика Нетанјаху да ја минимизира штетата на цивилите во Либан, соопшти Белата куќа.

Израел вети дека ќе го натера главниот непријател Иран да плати за својот ракетен напад, кој предизвика мала штета, додека Техеран рече дека секоја одмазда ќе биде дочекана со широко распространето уништување, предизвикувајќи загриженост за пошироки борби во регионот што произведува нафта.

Бајден даде коментари минатата недела со кои го обесхрабрува Израел да ги нападне нафтените полиња во Иран и рече дека нема да го поддржи Израел да ги нападне иранските нуклеарни постројки.

Израелската војска во четврток (10 октомври) соопшти дека елиминирала двајца команданти на Хезболах во јужен Либан и дека нејзините воени авиони нападнале складишта за муниција во областа Бејрут и складишта за муниција и друга воена инфраструктура во јужен Либан во средата.

Израелските одбранбени сили во средата објавија дека го елиминирале Адам Јахут, член на „терористичката мрежа Голан“ на Хезболах во областа Кунеитра во Сирија.

ИД соопшти дека улогата на Јахут била да пренесува информации од извори на сирискиот режим до Хезболах и да пренесува разузнавачки информации собрани на сирискиот фронт за да ги олесни операциите против Израел на Голанската висорамнина.

Израел ја освои Голанската Висорамнина во војната на Блискиот Исток во 1967 година и ја анектираше областа, која повеќето земји не ја признаа.

Руските сили собориле 92 украински дрона

илустрација
илустрација

Руската војска во четврток (10 октомври) објави дека соборила 92 украински беспилотни летала, од кои повеќето над југозападот на земјата, пишува АФП.

Русија известува дека речиси секојдневно соборува украински беспилотни летала над нејзина територија. Киев вели дека цел на нападите се енергетски локации, како одговор на руското бомбардирање на неговата територија.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека 47 беспилотни летала биле соборени над регионот Краснодар, кој се наоѓа на југозападниот дел на земјата покрај Црното Море.

„Петнаесет беспилотни летала беа соборени над Азовското Море, 12 над пограничниот регион Курск, а останатите над други региони кои се граничат или се блиску до Украина“, се вели во соопштението на Министерството.

Киев ги засили нападите врз рускиот енергетски сектор во последниве месеци, со цел да ги прекине приходите што Москва ги користи за финансирање на она што Кремљ ја нарекува својата специјална воена операција во Украина, која навлезе во третата година.

Бајден и Нетанјаху разговарале за израелскиот одговор на нападот на Иран

Бенјамин Нетанјаху и Џо Бајден (архивска фотографија)
Бенјамин Нетанјаху и Џо Бајден (архивска фотографија)

Американскиот претседател Џо Бајден ја нагласи потребата од дипломатски договор за враќање на либанските и израелските цивили во нивните домови од двете страни на израелско-либанската граница во разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 9 октомври, соопшти Белата куќа.

Оттаму додаваат дека Бајден, исто така, го осудил иранскиот балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври.

Бајден „го потврди правото на Израел да ги заштити своите граѓани од Хезболах, кој само во изминатата година истрела илјадници проектили и ракети кон Израел, истовремено нагласувајќи ја потребата да се минимизира штетата на цивилите, особено во густо населените области на Бејрут“, се наведува во соопштението.

Бајден претходно разговарал со Нетанјаху за плановите на Израел да му возврати на Иран за ракетниот напад минатата недела, според изјавите од Белата куќа и од кабинетот на израелскиот премиер на 9 октомври.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека Бајден и Нетанјаху „се договориле да останат во близок контакт во наредните денови и директно и преку нивните тимови за национална безбедност“.

Повикот доаѓа во време на ескалација на тензиите меѓу Израел и Хезболах, поддржан од Иран, вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан.

Блискиот исток е на „работ“ одека го чека очекуваниот одговор на Израел на главно неефикасниот ракетен напад на Иран, кој Техеран го изврши како одмазда за ескалацијата на Израел во Либан, вклучително и убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во видео објавено на израелските медиуми рече дека одговорот на Израел „ќе биде смртоносен, прецизен и пред се изненадувачки“.

Бајден минатата недела рече дека нема да го поддржи Израел да ги нападне иранските нуклеарни локации како дел од неговата одмазда. Тој, исто така, рече дека, ако е во кожата на Израел, ќе размислува за алтернативи за напад на иранските нафтени полиња.

Ураганот Милтон ја погоди централна Флорида

Флорида, САД
Флорида, САД

Ураганот Милтон го погоди западниот брег на Флорида во средата навечер (9 октомври) и донесе екстремно силни ветрови, обилни врнежи и торнада, а некои медиуми објавија дека има и жртви во областа Тампа, пренесува Гласот на Америка.

На 3,3 милиони луѓе им беше наредена евакуација, а повеќе од 1,6 милиони луѓе во Западна Флорида се без струја.

Националниот центар за урагани соопшти дека Милтон е „исклучително опасен“.

Ураганот ослабе на категорија 2 од можни пет околу 90 минути по падот на копното, но бурата и понатаму е исклучително опасна.

Се предупредува дека ураганот може да предизвика бранови високи од 2,7 метри до четири метри, а Националната океанска и атмосферска управа регистрираше бранови високи до 8,5 метри на отворено море.

Во одредени области се очекува да наврнат од 150 до 300 милиметри дожд на метар квадратен.

Трамп одби уште една дебата со Харис пред изборите

Доналд Трамп и Камала Харис
Доналд Трамп и Камала Харис

Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претседателските избори во САД, Доналд Трамп изјави дека нема да води уште една предизборна дебата со американската потпретседателка и кандидатка на демократите Камала Харис.

Тој ја даде изјавата вчера (9 октомври), неколку часа откако Фокс њуз ги покани двајцата кандидати на претседателските избори на евентуалната втора дебата на 24 или 27 октомври.

Што ги разликува Харис и Трамп - американските претседателски кандидати?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:44 0:00

Во пораката на социјална мрежа Трамп изјави дека „сега е многу доцна за дебата“ и оти „нема за што да се разговара“.

Двајцата претседателски кандидати одржаа дебата на 10 септември.

Изборите, кои ќе се одржат на 5 ноември, речиси сигурно ќе ги определат релативно малиот број неопределени гласачи во седум сојузни држави. Трамп и Харис требаше да ги убедат дека тие се подобриот кандидат.

ДУИ пред Уставниот суд: Укинувањето на балансерот е „тежок удар врз мултиетничката стабилност“

Архивска фотографија - портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми.
Архивска фотографија - портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми.

Одлуката на Уставниот суд за укинување на „балансерот“ е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на нашата држава, порача вечерва опозициската партија Демократска унија за интеграција ДУИ на вонредна прес-конференција пред Уставниот суд заедно со стотина симпатизери на партијата.

„Институциите досега го отсликуваа нашиот заеднички ралитет и тоа беше темел на соживотот и комуникацијата меѓу заедниците. Денес повеќе од кога било се соочуваме со сериозна криза на соживотот на правото на еднакви можности. Ова е чекор назад за нашата земја, чекор што ја загрозува иднината на мултиетничката стабилност и хармонијата што ја имаме изградено“, рече портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми.

„Ги повикуваме сите надлежни институции и меѓународната заедница веднаш да реагираат за да ги заштитат правата загарнтирани со Устав и закон и да обезбедат дека еднаквата застапеност ќе биде непроменета“, рече Адеми.

Уставниот суд донесе одлука за укинување на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно.

Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Уставните судии тогаш одлучија да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата и времено го замрзнаа „балансерот“.

Предметот, оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ги оспорува член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор.

Од ДУИ сметаат дека декларирањето на етничката припадност е неотуѓиво право и неопходен елемент за обезбедување праведна застапеност на сите заедници. Според Адеми, преку ваквата одлука на Уставен се напаѓа принципот на еднаквост.

„Одлуката има широки и длабоки последици, вклучувајќи и елиминацијата на можноста и јавните институции да ја отсликуваат мултиетничката структура на нашата држава, а механизмот на балансер, кој овозможи вклучување на различни заедници во вработувањето и нивна застапеност, сега тој механизам со оваа одлука се укина, со што се уништуваат сите досегашни напори за изградба на праведно интегрирано општество“, посочи Адеми.

Според подносителот на иницијативата за укинување на „балансерот“ во Уставниот суд (ДКСК), со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.

Според подносителот, со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место.

Бродот кој наводно превезува експлозив во Израел закотвен кај Малта

Товарниот брод „MV Kathrin“.
Товарниот брод „MV Kathrin“.

Товарниот брод „Катрин“, за кој меѓународната невладина организација „Амнести интернешенел“ смета дека, меѓу другото, транспортира експлозиви во Израел, од 7 октомври е закотвен на отворено море во близина на Малта.

Засега нема најави за неговата следна дестинација.

Бродот претходно три дена беше во Јадранското Море, кога од кабинетот на премиерот на Словенија, Роберт Голоб, за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврдија дека треба да пристигне во пристаништето Копар за истовар на стока наменета за земјите на Европската унија.

„Пристаништето Копар е влезна точка. Тоа значи дека товарот продолжува до своите дестинации во ЕУ“, соопшти Кабинетот на премиерот на Словенија на 3 октомври.

Бродот „MV Kathrin“, кој од Виетнам плови кон Европа речиси еден месец од 21 јули, е предмет на разни контроверзи, особено по реакциите на официјалните претставници на Намибија, Португалија, меѓународни организации и активисти поради товарот што го е носител и неговата можна крајна дестинација - Израел.

Амнести интернешенел и ОН ги повикаа сите земји да не дозволат бродот да влезе во нивните пристаништа, „со оглед на јасниот ризик дека таков товар ќе придонесе за извршување на можни воени злосторства во Газа“.

Нобеловата награда за хемија за научниците кои ги истражуваа протеините

Доделување на нобеловата награда за Хемија.
Доделување на нобеловата награда за Хемија.

Оваа година Нобеловата награда за хемија подеднакво им беше доделена на Дејвид Бејкер за компјутерскиот дизајн на протеините и на Демис Хасабис и Џон М. Џампер за предвидување на структурата на протеините.

Според одлуката на Кралската шведска академија на науките, тие ќе ја поделат наградата во износ од 11 милиони шведски круни, што е околу еден милион евра.

„Овие откритија имаат неверојатен потенцијал“, соопшти Нобеловиот комитет.

Како што објави Ројтерс, Хасабис и Џампер користеле вештачка интелигенција за да ја предвидат структурата на речиси сите познати протеини со помош на моделот „AlphaFold2“, кој Нобеловиот комитет го нарече „целосна револуција“.

Бејкер (62) е професор на Универзитетот во Вашингтон во Сиетл, додека Хасабис (48) е извршен директор на „Google DeepMind“, истражувачката единица за вештачка интелигенција на Google, каде Џампер (39) исто така работи како научник.

Хасабис и Џампер користеле вештачка интелигенција за да ја предвидат структурата на речиси сите познати протеини, додека Бејкер научил како создаде сосема нови протеини, соопшти телото за доделување на наградата.

Наградата за хемија се доделува од 1901 година и досега имало 115 лауреати.

Минатата година, Нобеловата награда за хемија им беше доделена на Мунги Бавенди, Луис Брус и Алексеј Екимов за откривањето на ситни кластери атоми познати како квантни точки.

Тие сега се широко користени за создавање бои на рамни екрани, LED светилки и уреди кои им помагаат на хирурзите да ги видат крвните садови во туморите.

Косово во ЦЕФТА ​​ќе го претставуваат косовските претставници

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде најави дека отсега Косово во ЦЕФТА (Централноевропски договор за слободна трговија) ќе го претставуваат косовските претставници, а не Мисијата на ОН на Косово (УНМИК).

Голем чекор напред кон еднаква застапеност и учество во ова регионално тело“, напиша Роде на социјалната мрежа Икс.

Косово е претставено во ЦЕФТА од УНМИК од 2007 година, кога и се приклучи на оваа регионална иницијатива.

Владата на Косово и претходно инсистираше на промена на застапувањето во ЦЕФТА, но Германија неодамна понуди решение: да се стави ѕвездичка до името на Косово што во фуснотата ќе означува дека статусот на Косово не е конечно решен.

За возврат, од Косово беше побарано да ја укине забраната за увоз на стоки од Србија, што официјална Приштина делумно го стори на 7 октомври.

Како што објасни премиерот на Косово, Албин Курти, стоката од Србија преку граничниот премин Мердаре ќе може да влезе со зголемена контрола, додека слободен проток на стоки од Србија ќе биде можен и на другите премини кога ќе се набави скенер за проверка на камионите.

Косово инсистираше на ставот дека тие мерки не се од економска, туку од безбедносна природа.

Инаку, ЦЕФТА извесно време беше блокирана поради забраната на Косово за увоз на стоки од Србија и начинот на кој Косово беше претставено во оваа иницијатива.

Деблокирањето на ЦЕФТА доаѓа во пресрет на 10-годишнината од Берлинскиот процес, кој се одржува на 14 октомври. Берлинскиот процес е и регионална иницијатива која има за цел да го помогне економскиот развој на шесте земји од Западен Балкан и нивниот пристап кон Европската унија (ЕУ).

Косово е дел од Берлинскиот процес од неговото основање во 2014 година, а дел од потпишаните договори во рамките на оваа регионална иницијатива се договорот за меѓусебно признавање на лични карти, универзитетски дипломи, професионални квалификации и соработка во областа на транспортот, енергетиката, екологија, дигитализација и роамингот.

Најмалку 12 загинати Палестинци во израелски напади во Газа

Луѓе носат спасени предмети среде урнатини на згради оштетени за време на израелскиот воздушен напад претходната ноќ на бегалскиот камп Буреиџ во централниот дел на Појасот Газа на 8 октомври 2024 година.
Луѓе носат спасени предмети среде урнатини на згради оштетени за време на израелскиот воздушен напад претходната ноќ на бегалскиот камп Буреиџ во централниот дел на Појасот Газа на 8 октомври 2024 година.

Во израелски напади загинаа најмалку 12 Палестинци, вклучително и девет членови на исто семејство во северниот и централниот дел на Појасот Газа, објави рано на 9 ноември официјалната новинска агенција на палестинската управа ВАФА.

Девет членови на семејството се убиени во напад на нивниот стан во населбата Шејаја во северниот дел на Газа, објави ВАФА, повикувајќи се на лекари од палестинската Црвена полумесечина.

Во израелскиот напад, уште тројца други се убиени во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа, меѓу кои и едно дете, а неколкумина се ранети, додаде ВАФА.

Војната во Газа започна откако Хамас, наведен како терористичка организација од САД и Европската унија, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде 250 заложници.

По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива против Газа.

Според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, во борбите загинале повеќе од 42.000 луѓе. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.

Израелската војска на 7 октомври објави дека минатата година бомбардирала повеќе од 40.000 цели во Газа, открила 4.700 тунели и уништила 1.000 локации за лансирање ракети.

Конфликтот во Газа се уште трае, додека Израел сега се бори на друг фронт во јужен Либан против Хезболах.

Утрото на 7 октомври, Хезболах, прогласена за терористичка организација од страна на САД, истрела ракети врз северните израелски градови Хаифа и Тиберија, предизвикувајќи штета и некои полесни повреди, според израелската полиција.

Европската унија го стави на црната листа вооруженото крило на Хезболах, но не и неговото политичко крило, кое има места во либанскиот парламент.

Во последните неколку недели, Израел ги бомбардира јужните предградија на Бејрут и врши копнеен упад во јужен Либан во обид да го уништи Хезболах.

Кампањата на Израел против Хезболах го натера покровителот на групата, Иран, да одговори со напад врз еврејската држава со низа ракети, од кои огромното мнозинство беа уништени од израелската противвоздушна одбрана без да предизвикаат значителна штета, но нападот ги оживеа стравувањата од ширење на конфликтот во регионот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG