Достапни линкови

Нов правилник за допрецизирање на техничките услови


Скоро еден месец од примената на законот против пушењето. Од досегашните искуства неговата примена, дел и поради непрецизираноста, најнесоодветно се спроведува во угостителските објекти. Седите на маса обележана како место за непушачи, а на соседната до вас се пуши, ова беше сликата низ повеќето локали во земјава. Од овие причини Министерството за економија донесе нов правилник во кој се допрецизираат техничките услови потребни за спроведувањето на законот против пушењето, во угостителските објекти. Просторот за оние чие задоволство е никотинот значително се скусува, а правилата се различни за местата каде што се служи храна во однос на останатите. Директорот на државниот пазарен инспекторат Никола Колевски објаснува:

„Во објекти каде што се подготвува и служи храна, угостителот ќе биде должен 70% од просторот да биде определен за непушачи, а 30% за пушачи, додека физичката одвоеност меѓу масите треба да биде четири метра. Во втората категорија, каде што се третираат барови, кафеани, кафетерии и ноќни барови, 60% од просторот треба да биде за непушачи, 40% за пушачи, а физичката одвоеност помеѓу масите треба да биде два метра.“

Доколку некои од угостителските објекти не ги задоволуваат овие технички услови, во тој локал ќе биде забрането пушењето, а во правилата останува и одредбата за задолжително обележување на местото за непушачи.
Во однос на досегашното спроведување на законот и граѓаните имаат забелешки, без разлика на нивната определеност за или против пушењето, па повеќето од нив ги подржуваат новите допрецизирани одредби:

„Јас сум пушач, ама реално е да не се пуши во затворени простории. Треба да се знае или се пуши во таа кафетерија или не се пуши.“

„Со оглед на тоа дека јас сум пушач мене не ме пречи, меѓутоа на непушачите тоа им пречи и треба да има одвоена просторија.“

„Јас сум непушач и сум за тоа законот да се спроведува, но малку треба да биде поригорозно. Неможе три маси да се за непушачи, а околу нив сите други да се за пушачи.“


Новиот правилник кој инаку е дел од законот за угостителска дејност ќе стапи на сила наредната недела откако ќе биде објавен во службен весник. По тоа инспекторите засилено на терен ќе го контролираат неговото спроведување:

„Откако инспекторот ќе ја заврши оваа работа, после тоа секое прекршување на законот ќе се казнува согласно одредбите во законот.“

потенцира директорот на пазарниот инспекторат.
XS
SM
MD
LG