Достапни линкови

Загриженост на светските лидери


Светските лидери загрижени од драматичниот исход на палестинските парламентарни избори. Победи милитантниот Хамас кој од поголемиот дел на меѓународната заедница е окафалификуван за терористичка организација. Аналитичарите сметаат дека сето ова, барем засега, длабоко ќе го замрзне Блискоисточниот мировен процес, но оти светот ќе мора да ја прифати изборната волја на палестинците.

Аналитичарите велат дека избирачите се свртија кон Хамас кој има воспоставено мрежа на добротворни организации, поради долгогодишната корумпираност и неефикасност на власта на Фатах. Претседателот на палестинската власт Махмуд Абас, чија партија Фатах одби да коалицира со Хамас, веќе најави дека ќе побара од ова исламско движење да формира нова влада.

„Новата влада мора многу да работи за да ја добие светската доверба со цел да воспостави независна Палестинска држава со главен град Ерусалим.“

Изјави Абас. Од друга страна, еден од лидерите на Хамас, Махмуд ал Захар рече дека неговата организација е подготвена да се состане со сите кои сакаат да ги слушнат нејзините ставови.

„Ние нема да седнеме со кој и да било. Но, ако некој сака да ги слушне и да ги разбере нашите ставови, ние сме подготвени да разговараме.“

Рече ал Захар. Израел пак, се сомнева во намерите на Хамас кој, како што вели вицепремиерот Шимон Перес, и натаму е за еднострана војна:

„Ние нема да ја менуваме нашата позиција. Доколку Хамас не сака мир, не сака преговори и доколку ги продолжи терористичките активности тогаш нема да ја има поддршката од светот и од Израел.“

Изјави Перес. На ист став е и официјален Вашингтон кој додава дека нема да преговара со милитантна група која во изминативе пет години е одговорна за шеесетина самоубиствени бомбашки напади.

„Јас не гледам како можете да бидете партнер во мир доколку како дел од вашата платформа заговарате уништување на една држава и имате оружено крило во својата партија.“

изјави американскиот претседател Џорџ Буш, додавајќи дека Соединетите Држави би сакале претседателот Махмуд Абас и натаму да остане на функцијата. И Европската Унија, најголемиот финансиски донатор на палестинците се закани дека ќе ја преиспита својата помош. Но, аналитичарите се на став дека светот нема друг избор од признавањето на Хамас

„Мислам дека меѓународната заедница би требало да ги поддржи овие резулати какви што се и да се обиде да комуницира со Хамас и со Фатах. Сега веќе не станува збор за негирање на резултатот што всушност е волјата на палестинците кои се под окупација. Можеби во други услови, и резултатот би бил поинаков.“

Вели Амир Макул, политички аналитичар кој раководи со арапските невладини организации во Израел. На исто мислење е и Раџи Сурани од Палестинскиот центар за човекови права:

„Било да ја сакаме политиката и иделогијата на Хамас или не, мислиме дека тој е легитимен дел од палестинскиот политички систем кој победи на фер избори.“
XS
SM
MD
LG