Достапни линкови

Нема напредок во заштитата на човековите права


Македонија стои во место, Владата и државните институции повеќе мислат на себе отколку за граѓаните, се вели во годишниот извештај на Хелсиншкиот Комитет за ситуацијата со човековите права во 2005 година. Минатата година интересите, потребите и барањата на човекот во ниту еден момент не станаа приоритет и основна загрижа на делувањето на државата, изјави претседателот на Хелсиншкиот Комитет во Македонија, Мирјана Најчевска:

„Лошата економска и социјална состојба го оневозможува вистинското практикување на човековите права и слободи во Македонија. Владеењето на правото не се претвори во доминантен принцип врз основа на кое што ќе се структуираат оделните власти во државата и власта остана надвор од било каква контрола. Тоа значи дека и интересите и потребите на граѓаните во ниту еден момент не станаа приоритет во делувањето на оваа власт.“

Во 2005-та година според Најчевска, македонската Влада ја озаконила неправедноста, а сиромаштијата продолжува да се продлабочува:

„Имаме озаконување на нееднаквоста за што е пример да речеме е законот за пратениците наспроти законот за пензионирање, односно битните разлики од аспект на положбата на луѓето, доколку се тие пратеници или доколку се тие вработени како обични смртници. Невоедначеното рушење на дивоградбите, при што многу лесно се рушат дивоградби кои претставуваат елементарен покрив на луѓето, а многу потешко се рушат дивоградби кои што претставуваат сопственост на некои помоќни, повлијателни или поблиски до власта луѓе.“

Во извештајот исто така посебно внимание е посветено и на состојбата во затворите, однесувањето на полицијата и пречекорувањето на овластувањата:

„Во затворите се умираше од насилна смрт. Луѓето беа, или убиени или се самоубиваа, значи не умираа од природна смрт. Исто така полицијата тепаше и покрај тоа што, според изјавите на полицијата, тоа секогаш било со добра причина.“

И во 2005 година, промените направени во областа на правата на националните малцинства, се однесуваат, пред сè на промоцијата на колективните, наспроти индивидуалните права и во голема мера се ограничуваат единствено на правата на припадниците на бројно најголемото етничко малцинство (албанското). Во крајна линија овој пристап води до фактичко напуштање на концептот на мултикултурност и постепена промоција на бинационална држава, се вели во годишниот извештај на Хелсиншкиот Комитет.
XS
SM
MD
LG