Достапни линкови

Главна тема – појавата на Кина и Индија како економски сили


Политичката и бизнис елитата од целиот свет е во Давос, на швајцарските Алпи, на годишниот Светски Економски Форум. Главна тема на четиридневниот собир се очекува да биде појавувањето на Кина и на Индија како економски сили. Кина, според последните податоци, со производство од две илјади милијарди долари е петта економија во светот, местото што досега и припаѓаше на Франција.

Светските бизнис лидери се повеќе се за глобализација, оценуваат аналитичарите, повикувајќи се на најновото истражување за намерите на бизнисмените, објавено пред почетокот на Светскиот економски форум во Давос. Анализата ја подготви Прајс Вотерхаус Куперс и во неа се опфатени одговорите на илјада четиристотини и десет извршни директори. Шеесет и три проценти од нив се убедени дека глобализацијата ќе има позитивен ефект врз нивните бизниси во наредните три години. Над седумдесет насто очекуваат да го прошират бизнисот во Кина, Индија, Бразил или Русија, додека седумдесет и осум проценти од бизнисмените велат дека пазар со најмногу можности е оној кинескиот. Тоа го покажа и податокот дека порастот на кинеската економија во минатата година изнесувал скоро десет насто. Испитувањето всушност покажа како со добро поставени цели некои пазари созреваат и резултираат со појава на средна класа која има пари да купува западни производи и да користи западни услуги. ,,Намалувањето на трошоците веќе не е единствената цел на глобализацијата,, вели директорот во Прајсвотерс Куперс Самуел Ди Пјаца. Тој притоа објаснува дека економиите на Бразил, Русија, Индија и секако на Кина веќе не се третирани како извор на евтина работна сила, туку како неограничена можност за мултинационалните компании. Тука пред се станува збор за отворање на нови претставништва, за здружување со локалните фирми, за развивање на уникатни продукти. Најголемите пречки за глобализацијата, како што покажа истражувањето, се прекумерната норматива и трговските бариери. Заканата од тероризам и протестите на антиглобализациските движење се на крајот на листата од заканите за светската економија, сметаат бизнисмените собрани во Давос на годишниот Светски економски форум. Според очекувањата, таму, освен за глобализацијата би требало да се разговара и за иранската нуклеарна програма, како и за високите цени на нафтата. Како и да е, Давос и годинава ќе биде местото каде што ќе се соберат над две илјади и триста луѓе од деведесет земји, меѓу нив шефови на држави и влади, синдикални и верски лидери, претседатели на моќни компании, но и Анџелина Џоли, овојпат не како актерка, туку како амбасадор на добра волја на Обединетите Нации.
XS
SM
MD
LG