Достапни линкови

Најверојатно ќе се најде пред Советот за безбедност на ОН


Прашањето со иранската нуклеарна програма, се поизвесно е дека ќе се најде пред Советот за безбедност на Обединетите Нации. Сепак, на вчерашниот состанок во Лондон, претставниците на земјите кои се постојани членки на Советот, не е постигнат целосен консензус за тоа прашање, иако Русија е се поблиску до ставовите на западните земји.

Европската Унија веќе подготвува нацрт резолуција во врска со иранската нуклеарна програма, која би требало да се најде пред Советот за безбедност на Обединетите Нации. Белгискиот министер за надворешни работи Карел Де Гухт во Њујорк изјави:

„По две годишни обиди низ преговори да се дојде до решение, Иран сега презеде чекори поради кои всушност е невозможно да се продолжи со преговорите. Затоа ние мислиме дека со ова прашање сега треба да се занимава Советот за безбедност.“

По состанокот во Лондон на претставниците на постојаните членки на Советот, плус Германија, е соопштено дека најнапред, на 2-ри февруари, треба да се одржи состанок на бордот на Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена, а потоа досието Иран би требало да биде испратено во Советот за безбедност. Германскиот заменик министер за надворешни работи Гернот Ерлер изјави денеска дека на состанокот не бил постигнат консензус околу текстот на можната резолуција и кои би биле нејзините цели. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва има слични ставови како Европската Унија и Соединетите Држави во врска со иранската нуклеарна програма:

„Ние им предложивме на нашите ирански партнери збогатувањето ураниум да се врши на руска територија. Иранското министерство за надворешни работи ни соопшти дека не ја исклучуваат таквата можност. Во секој случај треба да се работи внимателно.“

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека санкциите не би биле најдоброто решение за иранската нуклеарна криза. Засега нема официјален коментар од Кина во врска со предлогот иранското прашање да се разгледува во Советот за безбедност.
XS
SM
MD
LG