Достапни линкови

Партиите сеуште со различни предлози


Новиот предлог изборен законик денеска е пред пратениците, откако ги помина комисиските филтри и преговорите на премиерот Владо Бучковски со лидерите на опозицијата. Нивните ставови не се докрај испеглани, но затоа има уште време за разговори, бидејќи сега се работи само за прва фаза од донесувањето на новиот изборен закон каде пратениците треба да ја утврдат потребата од донесување на истиот. Барањата на опозициската ВМРО ДПМНЕ остануваат исти. На чело на регионалните и општински изборни комисии треба да седат партиски луѓе, а не лица од државната и јавна администрација:

„Најдобро е сеуште контролата на изборниот процес, во ДИК и во изборните органи, да ја имаат политичките партии. Тоа се покажа како добар и ефикасен модел бидејќи имавме фер и демократски избори во 2002-та година.“

вели Силвана Бонева, координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ. Владеачките партии од друга страна, нема да се противат опозицијата да го предлага првиот човек на ДИК, иако Либерално Демократската Партија вели дека имале подобро решение:

„ЛДП имаше еден предлог кој што и од експертите беше оценет како најдемократски начин на избирање, кој предвидува на јавен оглас да се јават и да учествуваат сите оние што претендираат да бидат претседатели на ДИК и потоа Собранието да го избира со дво-третинско мнозинство, но тоа не е прифатено. За мене е исто така прифатливо тоа да го предлага опозицијата.“

изјавува пратеничката на ЛДП Роза Топузовска Каровска. Пратениците од помалите етнички заедници пак, настојуваат да го изменат изборниот модел од комбиниран во чист пропорционален, или пак да се гарантираат пратенички места за нив:

„Ако Македонија биде една изборна единица и сите гласови да одат во еден „кош“ и сме спремни да се натпреваруваме под еднакви услови со другите политички партии во државава.“

изјави Аднан Ќаил од Партијата за Движење на Турците. За неговиот колега од ДУИ Хусеин Џевад, неприфатлива е одредбата за парична казна на прекршителите на изборниот процес:

„Навистина безпредметно е да се препишуваат казнени одредби во вид на парични казни, за оние кои ги прекршиле изборите, оти секогаш ќе се најде некој кој што ќе направи нешто на изборите, а за него ќе плати некој друг.“

потенцира Џевад.
XS
SM
MD
LG