Достапни линкови

Вести

Багдад: Киднапирана американска новинарка

Една американска новинарка денеска била киднапирана во Ирак, а нејзиниот преведувач бил убиен. Според ирачката полиција, до инцидентот дошло во областа Адел, во западниот дел на Багдад. Не е соопштен идентитетот на новинарката, ниту пак за кој медиум работела.

види ги сите денешни вести

Заврши сведочењето на малолетникот кој го изврши масовното убиство во „Рибникар“

Малолетникот сведочеше во Специјалниот суд во Белград.
Малолетникот сведочеше во Специјалниот суд во Белград.

Малолетниот К. К, кој го изврши масовното убиство на 3 мај 2023 година во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, заврши со сведочењето во Специјалниот суд на судењето на неговите родители Миљана и Владимир Кечмановиќ.

Судскиот процес беше затворен за јавноста, а К.К. по првпат од убиството беше изнесен надвор од медицинската установа каде што е сместен.

Тој одговараше на прашањата на обвинителството, одбраната и адвокатите на семејствата на жртвите.

Адвокатот на семејствата на убиените, Огњен Божовиќ, по рочиштето за медиумите изјави дека сведочењето на малолетниот К.К. оди „во правец на осудителна пресуда“.

„Ова беше едно од најстрашните судења на кои сум присуствувал во кариерата. Беше многу тешко“, изјави Божовиќ.

Тој додаде дека на рочиштето биле поставени прашања со цел да се утврди мотивот и зошто се случило кривичното дело.

„Останува да видиме дали ќе се најдат дополнителни детали за евентуални дополнителни обвиненија“, оцени Божовиќ.

Тој најави дека сослушувањето на К.К. ќе продолжи на 17 октомври во зградата на Специјалниот суд.

Адвокатката на семејството Кечмановиќ, Ирина Боровиќ, по рочиштето изјави дека во ниту една постапка нема да се дознаат причините поради кои се случило масовното убиство.

„Тие причини очигледно се некаде длабоко во душата на момчето кое, за жал, го направи сето ова, и кое живееше нормален живот од гледна точка на сите што го познаваат“, изјави Боровиќ.

На 3 мај 2023 година, тринаесетгодишниот ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби девет негови врсници и еден училиштен чувар. Тој рани уште пет ученици и една наставничка.

Во ноември 2023 година, Вишиот суд во Белград го потврди обвинението против родителите на момчето што го изврши масакрот, а судењето започна во јануари 2024 година.

Обвинети се и сопственикот и инструкторот на стрелачкиот клуб каде, според обвинението, малолетниот ученик учел да пука со својот татко.

Малолетникот не може да одговара кривично пред судовите во Србија бидејќи во моментот на нападот имал помалку од 14 години. Тој е сместен во психијатриска установа.

Самит Брдо-Бриони: Лидерите од регионот разговараа за европската перспектива

Лидерите од регионот на Самитот Брдо-Бриони.
Лидерите од регионот на Самитот Брдо-Бриони.

Европската унија (ЕУ) не е целосна без земјите од Западен Балкан, е заедничката порака на претседателите на земјите од регионот од самитот Брдо-Бриони што се одржа денеска, 8 октомври, во Тиват, Црна Гора.

На прес-конференцијата по пленарната седница, која беше затворена за јавноста, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, кој е домаќин на средбата, рече дека долгорочната стабилност на регионот подразбира и добрососедски односи.

„Со разнишаниот светски поредок и растечката глобална нестабилност, лидерите на Западен Балкан се свесни за политичкиот момент и новиот прозорец во ЕУ кога станува збор за проширувањето. Ние сме подготвени уште посилно да ја искористиме оваа можност“, рече Милатовиќ.

Тој рече дека очекува напредокот на Црна Гора кон ЕУ да биде поттик и за другите земји.

„ЕУ не е само потреба и декларирана цел, туку геополитички и морален императив.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ рече дека вредноста на Самитот Брдо-Бриони „е тоа што земјите, од кои некои не се признаваат меѓусебно, комуницираат на овие состаноци“.

Србија и Босна и Херцеговина не го признаа Косово, кое прогласи независност во 2008 година.

Милановиќ истакна дека задачата на Хрватска и Словенија, кои се во ЕУ, е да ги охрабрат земјите од Западен Балкан да не попуштаат на патот кон членство во Унијата, наведувајќи дека ЕУ е инертен систем.

„Постои инертност и слабост на ЕУ во глобалната конкуренција со посилните и побескрупулозни играчи. А тоа се САД и државите од БРИКС, односно Русија, Кина, Индија … Односно, тие што не не сакаат“, рече тој.

Свечен пречек на лидерите од регионот во Котор.
Свечен пречек на лидерите од регионот во Котор.

Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, рече дека Словенија и Хрватска интензивно го поддржуваат процесот на европска интеграција на Балканот:

„Црна Гора постигна најголем напредок и има најдобра перспектива за наскоро пристапување во ЕУ“.

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, пак, порача дека Процесот Брдо-Бриони ќе биде успешен кога целиот регион ќе стане дел од ЕУ.

„Процесот Брдо Бриони треба да ни помогне, оваа чекална наречена Западен Балкан да се испразни преку интегрирање на државите, а не мигрирање на граѓаните. Процесот ќе ја исполни својата цел тогаш кога и последната држава заглавена во овој гео-политички регион ќе стане полноправна членка на Унијата и кога жаргонот Западен Балкан ќе го испратиме во историјата, и тоа не подоцна од 2030-та година“, рече Сиљановска Давкова.

Српскиот претседател Александар Вучиќ не присуствуваше на пленарниот дел од самитот, но подоцна им се придружи на учесниците.

Тема на Самитот во Тиват е подобрување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и членките на Европската Унија.

На самитот присуствуваат претседателите на Хрватска, Албанија и Србија – Зоран Милановиќ, Бајрам Бегај и Александар Вучиќ; претседателките на Словенија, Северна Македонија и Косово – Наташа Пирц Мусар, Гордана Сиљановска-Давкова и Вјоса Османи; како и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Жељко Комшиќ.

Процесот Брдо-Бриони е словенечко-хрватска иницијатива започната во 2010 година со цел да се зајакне довербата и да им се помогне на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ.

На првиот ден од самитот на 7 октомври, повеќето од учесниците го посетија Котор, каде во нивна чест морнарицата изведе традиционална патека на градскиот плоштад.

Котор е еден од најдобро зачуваните средновековни градови на Медитеранот, додека Тиват е летно одморалиште со луксузна марина, Порто Монтенегро. И двете се наоѓаат во Которскиот залив.

Министерката за финансии го потпиша договорот за унгарскиот кредит

Mинистерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го потпиша договорот за заем со унгарската Експорт-импорт банка
Mинистерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го потпиша договорот за заем со унгарската Експорт-импорт банка

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска (8 октомври) во Будимпешта, во име на Владата го потпиша договорот за заем од унгарската Експорт-импорт банка.

Кредитот е во висина од 500 милиони евра и според власта е по поволни услови – со рок на отплата од 15 години, со вклучен грејс период од три години и каматна стапка од 3,25 проценти.

„Одлуката на Владата да го обезбедиме планираното надворешно задолжување со Буџетот за 2024 година преку билатерален заем од Унгарија, наместо со издавање нова еврообврзница, произлезе како резултат на поволните услови што ги добивме и заштедата што ја правиме само по основ на каматата. Каматните стапки по кои би ја добиле оваа сума на меѓународниот пазар е околу 6 проценти и тоа е голема заштеда по буџетот по овој основ, односно заштеда на годишно ниво од околу 14 милиони евра“, посочила Димитриевска-Кочоска, пренесува МИА.

Парите од кредитот се очекува Северна Македонија да ги добие до крајот на неделата. Владата планира половина од парите да се трошат за проекти во општините, додека другата да биде за заеми за компаниите.

Додека власта смета дека ваквиот билатерален заем се зема по поволни услови, опозицискиот СДСМ обвинува дека договорот за заем е коруптивен бидејќи е направен вонинституционално, а и се сомнева дека зад унгарскиот кредит стојат кинески пари.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, пак, за време на посетата на Северна Македонија на 26 и 27 септември, негираше поврзаност со Кина.

„Кинески заем не можеме да даваме, кинески пари не можеме да даваме. Ние со Кина имаме договор дека сите пари кои доаѓаат од Кина одат за конкретни проекти, кинески пари не можеме да ви даваме, но европски пари може да ви дадеме и тие ќе ви ги даваме“, рече Орбан на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Двајцата премиери го договорија кредитот на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули годинава, а Законот за заем беше изгласан во Собранието на Северна Македонија на 17 септември.

ДСЗИ бара стручен надзор за смртта на 14-месечното бебе

Детска клиника.
Детска клиника.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) иницира да се формира Комисија за стручен надзор за смртта на 14-месечното бебе на Клиниката за детски болести во Скопје.

Ова следува откако ДСЗИ направи вонреден инспекциски надзор во трите здравствени установи каде било третирано детето – Клиниката за детски болести, Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ и во ординацијата кај матичниот лекар.

Бебето почина во утринските часови на 5 октомври во Клиниката за детски болести, по што родителите јавно реагираа за несоодветен третман.

Во извештајот што денеска (8 октомври) го објави ДЗСИ од вонредниот надзор, се наведува дека тоа два пати било носено на Детската клиника пред да биде хоспитализирано.

Првично, на 30 септември со симптоми на повраќање било однесено кај матичниот лекар, кој констатирал дека тоа нема температура, но му е зацрвенето грлото. Истиот ден, родителите го однеле и на Детската клиника бидејќи продолжило со повраќање. Таму дежурниот лекар специјалист ја потврдил дијагнозата од матичниот и им рекол да дојдат на контрола следниот ден или по потреба во секое време.


Следното одење на лекар било на 3 октомври кај матичниот лекар кога бебето повраќало и било малаксано. Матичниот издал итен упат за Детската клиника каде му биле направени лабораториски анализи, по што било вратено на домашно лекување.

„По добивање на резултатите повторно било прегледано од специјалист педијатар и дополнително биле издадени упати за лабораторија и за РТГ дијагностика. При преглед наод на везикуларно дишење со пропратен наод на бронхитични хркулки обострано. РТГ наодот покажува нагласен броховаскуларен цртеж билатерално, хипобазално и корелира со аускултаторниот наод. Ординирана и терапија и пратено на домашно лекување“, пишува во извештајот на ДСЗИ.

Наредниот ден, 4 октомври, родителите самоиницијативно го однеле во „Козле“ каде лекарите го задржале на лекување и направиле неколку испитувања.

Состојбата му се влошила и било префрлено на интензивна нега, но поради влошување во текот на ноќта било пренесено на Детската клиника.

Еден час по префрлањето на Детската клиника, и покрај обидите за реанимација бебето починало.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вчера изјави дека бебето било одбиено за хоспитализација и порача дека одговорност за овој случај треба да има.

„Меѓутоа не очекувајте од мене уште од денеска да судам како било. Дозволете соодветните органи во државата да испитаат сè во детали. На крајот некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи во здравствениот систем“, рече Таравари.

ЕУ ја поддржува слободната трговија со стоки низ Западен Балкан

Илустрација.
Илустрација.

Европската унија (ЕУ) ја поддржува слободната трговија со стоки низ целиот Западен Балкан, во согласност со правилата на ЦЕФТА, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

„Ова е клучно за функционирањето на Заедничкиот регионален пазар и е составен дел од Планот за раст на регионот. И двете работи претставуваат опипливи придобивки за граѓаните од целиот регион“, рече тој.

Оваа прва официјална реакција од седиштето на ЕУ доаѓа откако во понеделникот, 7 октомври, Владата на Косово ја замени одлуката за забрана за увоз на стоки од Србија со „засилена контрола“.

Косовскиот премиер Албин (Албин) Курти најави дека до пристигнувањето на скенерите, приштинските власти ќе дозволуваат влез на стока само на граничниот премин „Мердаре“ бидејќи, според него, безбедносната состојба не е променета.

Претставниците на ЕУ сметаат дека одлуката на косовската влада претставува вистински чекор кон деблокирање на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА).

Според дипломатски извори во Брисел, Германија ги информирала земјите членки за напредокот на преговорите со Косово и Србија.

Косовската влада донесе одлука да го забрани увозот на стоки од Србија во средината на јули 2023 година од „безбедносни“ причини, откако тројца косовски полицајци беа уапсени од српската полиција.

Иако во меѓувреме беа ослободени косовските полицајци, одлуката за забрана за увоз на српска стока остана во сила.

Одлуката на Владата на Косово да ја укине забраната за увоз на стоки од Србија доаѓа по притисокот од Германија, која инсистираше дека тоа им штети на ЦЕФТА и на Берлинскиот процес, иницијатива која има за цел да го помогне економскиот развој на шесте земји од Западен Балкан и нивниот пристап кон ЕУ.

Десеттиот самит на Берлинскиот процес се одржува на 14 октомври во германската престолнина. Таму ќе биде одбележана и десетгодишнината од оваа иницијатива.

Нобелова награда за физика за двајцата пионери во вештачката интелигенција

Двајцата добитници на Нобеловата награда за физика.
Двајцата добитници на Нобеловата награда за физика.

Двајца пионери во вештачката интелигенција, Џон Хопфилд и Џефри Хинтон, ја добија Нобеловата награда за физика за „фундаменталните откритија и пронајдоци кои овозможуваат машинско учење со помош на вештачки невронски мрежи“, објави во вторникот Нобеловиот комитет.

Додека Хопфилд (91) создаде структура која може да складира и реконструира информации, Хинтон (76) измислил метод „кој може самостојно да открие својства во податоците што станале и кој станал важен за големите вештачки невронски мрежи што се користат сега“, наведува Комитетот во објаснувањето за одлуката за добитните.

„Иако компјутерите не можат да размислуваат, машините сега можат да имитираат функции како меморија и учење. Годинешните лауреати по физика помогнаа да се овозможи тоа“, се додава во соопштението.

Хинтон, кој е познат како кум на вештачката интелигенција, е канадско-британски државјанин кој работи на Универзитетот во Торонто, а Хопфилд е Американец кој работи во Принстон.

„Овогодишните двајца добитници на Нобеловата награда за физика користеа алатки од физиката за да развијат методи кои се основата на денешното моќно машинско учење“, се вели во соопштението на Нобеловиот комитет.

Елен Мунс, членка на Нобеловиот комитет во Кралската шведска академија на науките, рече дека двајцата лауреати „користеле фундаментални концепти од статистичката физика за да дизајнираат вештачки невронски мрежи кои функционираат како асоцијативни мемории и пронаоѓаат обрасци во големи збирки податоци“.

Таа рече дека таквите мрежи се користени за унапредување на истражувањата во физиката и „исто така станаа дел од нашиот секојдневен живот, на пример во препознавањето на ликови и преводот на јазиците“.

Додека комитетот оддаде почит на науката што стои зад машинското учење и вештачката интелигенција, Мунс ја спомена и нејзината друга страна, велејќи дека „иако тоа носи огромни придобивки, брзиот развој на вештачката интелигенција, исто така, предизвикува загриженост за нашата иднина“.

„Луѓето ја носат одговорноста да ја користат оваа нова технологија на безбеден и етички начин за доброто на човештвото“, рече таа.

Истите грижи ги има и добитникот Хинтон. Тој ја напуштил работата во Гугл за да може послободно да зборува за опасностите од технологијата што тој помогнал да се создаде.

Тој рече дека е шокиран од укажаната чест од Нобеловиот комитет.

„Запрепастен сум. Немав поим дека ова ќе се случи“, рече тој кога Нобеловиот комитет го контактираше телефонски.

Хинтон предвиде дека вештачката интелигенција на крајот ќе има „огромно влијание“ врз цивилизацијата, што ќе донесе подобрувања во продуктивноста и здравствената заштита.

„Тоа би можело да се спореди со индустриската револуција“, рече тој во отворен разговор со новинари и претставници на Кралската шведска академија на науките, пренесува Асошиејтед прес.

„Наместо да ги надмине луѓето по физичка сила, ќе ги надмине луѓето по интелектуални способности. Немаме искуство како е да се има работи кои се попаметни од нас. И тоа ќе биде прекрасно на многу начини. Но, мораме да се грижиме и за низа можни лоши последици, особено за заканата овие работи да излезат од контрола“, рече Хинтон.

Имињата на добитниците на Нобеловата награда за хемија, пак, ќе бидат објавени утре, 9 октомври, за литература во четврток на 10 октомври, за мир во петок на 11 октомври и за економија во понеделник на 14 октомври.

Лауреатите се поканети да ги примат своите награди на церемонија на 10 декември, на годишнината од смртта на Алфред Нобел, по кого наградата и го носи името.

Малолетникот кој уби соученици во „Рибникар“ сведок на судењето на неговите родители

Белград, Србија, Зградата на специјалниот суд
Белград, Србија, Зградата на специјалниот суд

Малолетниот К.К., кој на 3 мај 2023 година изврши масовно убиство во ОУ „Владислав Рибникар“, во вторник сведочи во Специјалниот суд во Белград, на судењето на неговите родители Миљана и Владимир Кечмановиќ.

Претставникот на семејствата на загинатите во масовното убиство во училиштето „Владислав Рибникар“, Огњен Божовиќ пред рочиштето за новинарите изјави дека ова е прва можност семејствата на убиените и ранетите да поставуваат прашања.

„Со надеж дека ќе има некакви одговори како и зошто се случи ова, со надеж дека ќе ги расветлиме мотивите и ќе добиеме барем некаков мир за нив“, рече Божовиќ пред судот.

На 3 мај 2023 година, тринаесетгодишен ученик од основното училиште „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби девет негови врсници и еден училишен чувар. Тој ранил уште пет ученици и еден наставник.

Во ноември 2023 година, Високиот суд во Белград го потврди обвинението против родителите на момчето што го изврши масакрот, а судењето започна во јануари 2024 година.

Обвинетите се сопственик и инструктор на стрелачкиот клуб каде, според обвинението, малолетниот ученик научил да пука со својот татко.

Напаѓачот не одговара пред законот, бидејќи во моментот на нападот имал помалку од 14 години. Тој е сместен во психијатриска установа.

Муртезани: Се бара ново решение за прашањето со Бугарија

Орхан Муртезани, Министер за европски прашања
Орхан Муртезани, Министер за европски прашања

Министерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Орхан Муртезани, вели дека Брисел не гледа со голем оптимизам за предлогот за уставни измени со одложено дејство, но не го отфрлува целосно.

„На тој предлог не се гледа со голем оптимизам во Брисел, меѓутоа не се отфрла целосно. Мислам дека ние треба да настојуваме на изнаоѓање решенија кои ќе бидат прифатливи и од нашите стратешки партнери. Ова не зависи многу од нив, туку зависи од нашата волја и ангажман за изнаоѓање решенија, изјави Муртезани на прес-конференцијата по повод „100 дена Влада“, за барањето на Владата носењето уставни измени да има одложно дејство.


На прашањето за најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе се праќа писмо со идеи во ЕУ за решавање на ова прашање, Муртезани кажа дека овие најави на премиерот се всушност изнаоѓање нови решенија, кои, како што посочи, се во фаза на интерни разговори во Владата.

„Досега немаме финален предлог, меѓутоа и да имаме таков нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија, бидејќи сметаме дека периодов и да имаме најдобар можен план, не знаеме дали ќе биде прифатен од другата страна, затоа се работи интензивно на изнаоѓање решенија, и мислам дека ова е правилниот пристап за понатаму, рече Муртезани.

За содржината на писмото што би било испратено до европските институции, вели дека моментално не е разговарано за содржината или што точно ќе содржи.
Прашан дали некоја идеја може да биде без уставни измени, тој вели дека уставните измени не се од Бугарија, туку од 27 земји-членки на ЕУ.

„И премерот во неколку наврати и Владата имаат споменато дека не е спорно ништо да се носат уставните измени. Меѓутоа, ние сакаме да бидеме сигурни дека процесот понатаму нема да биде предмет на дополнителни блокади. Ние како коалиција Влен дадовме рок од шест месеци во кој што Владата мора да понуди решение за надминување на кризата. Уште сме во четвртиот месец, кога ќе стигнеме при крајот ќе видиме какви се можностите и што би направиле понатаму, рече тој.


Според него, главната порака од раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија е дека процесот на проширување е се уште жив и оти ние мора да изнајдеме решение во најкус можен рок.

Премиерот Христијан Мицкоски во саботата најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси.

Романскиот суд забрани учество на проруска кандидатка на изборите

Дијана Јовановичи-Сосоака во Европскиот парламент во Стразбур, Франција, во јули 2024
Дијана Јовановичи-Сосоака во Европскиот парламент во Стразбур, Франција, во јули 2024

Уставниот суд на Романија и забрани на проруската, анти-ЕУ и екстремно десничарска кандидатка Дијана Јовановичи-Сосоака да се кандидира на претседателските избори следниот месец, пресудувајќи дека јавните изјави и однесувањето на Јовановичи-Сосоака „систематски“ ги кршат уставните темели на земјата и нејзиното членство во евроатлантските структури.

Јовановичи-Сосоака, која се „прослави“ како антиваксер за време на пандемијата со ковид-19 и освои место во Европскиот парламент претходно оваа година, е исто така гласна поборничка за поблиски односи со Москва. Таа е исто така позната и по тоа што дава антисемитски и антизападни изјави.

Во својот прв говор во Брисел, таа ја обвини ЕУ дека ги „убива“ Романците со вакцини против ковид-19, мавтајќи со црни кеси за ѓубре, за кои рече дека симболизираат „торби за тело“ наменети за Романија.

Сепак, пресудата против Јовановичи-Сосоака беше критикувана.

Критичарите велат дека одлуката на судот е политички мотивирана и има за цел да му го олесни патот на претседателскиот кандидат на владејачката Социјалдемократска партија, актуелниот премиер Марсело Чолац.

Во Романија, земја-членка на ЕУ и НАТО, ќе се одржат претседателски избори во два круга, на 24 ноември и 8 декември, а меѓу двата круга ќе се одржат и парламентарни избори.

Според Уставот, секој романски државјанин на возраст над 35 години кој нема криминално досие има право да се кандидира за претседател. Пет од девет судии гласаа за разрешување на Дијана Јовановичи-Сосоака, двајца гласаа против, а двајца беа воздржани.

Борел: Ситуацијата во Либан се влошува, потребен е итен прекин на огнот

Ситуацијата во Либан од ден на ден се влошува, изјави денеска во Европскиот парламент шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел и посочи дека треба што поскоро да се постигне прекин на огнот во конфликтот предводен од Израел и Хезболах во оваа земја.

Борел изјавил и дека околу 20 отсто од либанското население е принудено да се расели, пренесуваат британските медиуми.

Привремената техничка либанска Влада денеска објави дека најмалку 1,3 милиона граѓани на оваа земја, што е повеќе од една петтина од вкупното население, ги напуштиле своите домови поради засилените израелски воздушни напади.

Во текот на изминатата година, десетици илјади лица веќе беа принудени да избегаат од јужен Либан и северен Израел, поради континуираните борби меѓу Израел, Хезболах и другите антиизраелски сили.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG