Достапни линкови

Локални избори, судски процеси, афери, статус...


Годината чии последни часови веќе ги одбројуваме не беше толку турбулентна и полна со крупни збиднувања како онаа пред неа, меЃутоа педантните аналитичари ќе имаат да издвојат неколку настани по кои ќе се сеќаваме на 2005-та. А раЃањето на 54 сантиметри долгиот Марко Димоски во првата минута од годинава беше повод суеверните да помислат дека тоа ќе биде машка и бериќетна година. Но, 12 месеци подоцна, сепак сите се согласуваат дека и оваа година треба што побрзо да ја заборавиме, бидејќи ретко некој може да каже дека таа му била среќна. Суеверието ги вмеша своите прсти и во настанот што ја одбележа првата половина на годинава. Имено, првиот круг од долго очекуваните локални избори, кои се спроведоа според новата територијална поделба, беше одржан на 13-ти март. А стравувањата дека датумот е баксузен се потврдија. Оценката на меѓународните посматрачи беше прилично неповолна:

„Денот на изборите беа спроведени во тивка атмосфера, но имаше одредени неправилности во одредени општини коишто ја поткопаа универзалноста и еднаквоста на гласањето, а имаше и распространето нарушување на тајното гласање,“

изјави шефот на посматрачката мисија на ОДИХР Џулијан Пил Јејтс. А вториот круг донесе уште полоши оценки од страна на меѓународната заедница

„Во периодот меѓу двата изборни круга надлежните органи не успеаја да одговорат на потфрлањата кои беа идентификувани во првиот круг. Делумниот втор круг на избори во земјата повторно не успеа да ги задоволи клучните заложби на ОБСЕ и ОДИХР.“

изјави Јејтс од ОДИХР, кој се потруди да научи да ги изговара имињата на проблематичните општини. Премиерот Владо Бучковски пак, не го делеше мислењето на странските набљудувачи

„Во т.н. жешки гласачки места покажавме дека Република Македонија ако сака може да ги исполни сите меѓународни стандарди кои доликуваат на една држава што претендира да биде членка на НАТО и ЕУ.“

А како поминаа изборите од резултатски аспект

„Коалицијата предводена од СДСМ има освоено 36 градоначалнички места. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 21 место, ДУИ 15, група избирачи седум, ВМРО – Народна три, ДПА – ПДП 2 и Сојузот на Ромите едно,“

соопшти Зоран Таневски, портпарол на државната изборна комисија. Но, дека не е се во математиката и во освоените гласови, покажаа сите поголеми партии, кои без исклучок се прогласија за победници:

„Коалицијата За Македонија Заедно освои најголем број градоначалнички места.“
„Опозоцијата во најголемите градови ја доби поддршката на граѓаните.“
„На овие избори албанската етничка заедница излезе уште поорганизирано отколку во претходниот круг,“


рекоа Игор Ивановски од СДСМ, Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ и Ермира Мехмети од ДУИ. Како и да е , избраните градоначалници ги зазедоа фотељите во 84-те општини и градот Скопје, помалку или повеќе свесни за нивните надлежности според новата законска регулатива. А законот за децентрализација на власта стапи во сила на први јули.

Настан кој долго време ја преокупираше јавноста не само во Скопје, туку и во целата држава, беше ситуацијата во село Кондово. Иако официјалните соопштенија беа главно со иста содржина, дека состојбата е под контрола, сепак медиумите постојано известуваа оти полицијата не го контролира селото, туку вооружената група предводена од Агим Красниќи. Се случија и претепувања на четворица полицајци, како и на неколку имами од исламската верска заедница. Заседаваше и националниот совет за безбедност, по што претседателот Бранко Црвенковски изјави

„Беше заклучено дека МВР треба да ги преземе сите неопходни мерки, за да може овие лица кои се сторители на кривични дела и за кои постојат судски пресуди, бидат изведени пред лицето на правдата,“

40-на дена потоа, министерството за внатрешни работи ја повлече потерницата против Красниќи, а во основниот суд Скопје еден сеуште се води постапка, но засега без успех, бидејќи на закажаните рочишта не се појавуваат соработниците на Красниќи.

Во продолжение на овој преглед ќе стане збор за случаите Раштански Лозја и одењето на Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски во затворот на Хашкиот Трибунал. И додека во Скопје траеше судскиот процес против четворицата осомничени за убиство на седум Пакистанци во месноста Раштански Лозја, по речиси 6 месеци притвор, обвинителството во Пула покрена обвинение против поранешниот министер за внатрешни работи на Македонија Љубе Бошкоски за овој случај. Во Скопје,пак, по цели 5 месеци, заврши судењето со ослободителна пресуда за сите осомничени. На оваа одлука се жалеше обвинителството

„Сметаме дека навистина имавме многу силни докази. Кога сега би требало да одлучувам повторно за тој предмет, би напишал исто обвинение,“

коментираше скопскиот јавен обвинител Стерјо Зиков. Но апелацискиот суд неодамна не ја разгледуваше жалбата поради болест на еден од осомничените. А во март, веднаш по првиот круг од изборите, хашкиот трибунал ги обвини Бошкоски и поранешниот телохранител на Борис Трајковски, Јохан Тарчуловски за кршење на законите или обичаите на војување во село Љуботен за време на конфликтот во 2001-та година. Ден потоа Тарчуловски веќе беше предаден во Хаг. На првите појавувања на Бошкоски и Тарчуловски пред судот тие изјавија дека не се виновни, а владата на Македонија понуди гаранција за двајцата да продолжат да се бранат од слобода. Меѓутоа, судскиот совет ги отфрли гаранциите.

„Одлуката на судскиот совет не се темели на гаранциите од владите,“

изјави министерката за правда Мери Младеновска Ѓорѓиевска. А правните експерти ова го толкуваа како тешка шлаканица за Република Македонија и оти зборува за проблемите во системот на обезбедување на правото во земјава.

Веќе неколку години редовен сегмент од годишните хроники е и односот меѓу македонската и српската православна црква. И онака лабавите врски дополнително ги наруши одлуката на српската црква да ја признае таканаречената православна Охридска архиепископија на поранешниот владика на МПЦ Јован како единствена канонска црква во Македонија, како и да ги прекине сите односи со МПЦ и со сите верници што ќе останат со неа.

„Ќе престанат сите, барем во овој момент, обиди за разговори.“

Беше првата реакција на митрополит Тимотеј, портпарол на синодот на МПЦ. Спорот доби и пошироки размери кога српскиот министер Велимир Илиќ даде налог за приземјување на два авиона на ЈАТ што беа издадени на МАТ и најави прекин на соработката со Македонија.

,,По сето ова наложив да се приземјат сите авиони и едноставно да се запрат сите летови и не сакаме воопшто да имаме соработка со Македонија. Не сакаме да соработуваме доколку еден ваков настан се толерира од претседателот и премиерот на Македонија. Не може да се апси српски егзарх без причина.”

За решение на повеќегодишниот спор не е доволен само дијалогот меѓу двете цркви, смета митрополит Петар

„Треба да има уште најамлку еден субјект вклучен, а тоа би биле Цариградската Патријаршија или Руската Православна Црква.“

Во меѓувреме екс владиката Јован беше осуден на две години и четири месеци затвор за ширење верска нетрпеливост и за финансиски малверзации и од јули се наоѓа во скопскиот затвор Идризово.

Битолското село Могила речиси еден месец беше најпопуларно во медиумските извештаи. Имено, во средината на октомври на неколку одгледувачи на живина им угинаа многу птици, па силно одекна веста дека можеби станува збор за птичји грип. Беа преземени превентивни мерки, односно уништување на сета живина во селото:

„Не може за 50 денари да му дадам за кокошка, кога давам 150 денари за да ја купам.“
„Јас нема да ги дадам кокошките и ќе ги избркам,“


реагираа Могилчани. По долгата неизвесност околу праќањето на мострите од угинатата живина во лабораторија во Англија и драстичното намалување на потрошувачката на производи од пилешко месо, во почетокот на ноември тогаш сеприсутниот во медиумите Слободан Чокревски од ветеринарната управа соопшти:

„Крвта што е пратена, серумите, се негативни,“

или поедноставно кажано, во Македонија засега нема птичји грип, а угинатите кокошки биле болни од таканаречената атипична чума.

Кон крајот на годинава актуелни се неколку афери со кои се занимаваше јавноста. Една од нив е покрената од хрватските медиуми за наводната вмешаност на началникот на генералштабот на АРМ Мирослав Стојановски во воени злосторства во Вуковар 1991 година, кога бил офицер во ЈНА. Македонскиот генерал ги отфрли таквите обвинувања, а во негова одбрана застанаа и претседателот Црвенковски и премиерот Бучковски:

„Се додека не видам јасен доказ за некакво негово делување тој е началник на Генералштабот што ја врши својата функција со целосен легитимитет и поддршка.“

Некако во исто време, но со поголем одек се отвори и аферата за наводните милионски сметки во швајцарски банки на претседателот Бранко Црвенковски и на поранешниот премиер Хари Костов, објавена од неделникот Фокус. Двајцата ги негираа таквите информации, а Црвенковски рече:

„Немам воопшто пари ниту некаква тајна сметка, ниту во посочената банка, ниту во друга банка во земја надвор од Македонија.“

Досие евроатлански интерграции, во стилот топло- студено. Најпрвин во септември дојде непријатната вест во врска со нашите аспирации за зачленување во НАТО. Имено, висок американски дипломат изјави дека Македонија, Хрватска и Албанија нема да добијат наскоро покана за влез во Алијансата. А што се однесува до Европската унија, на 16-ти декември во Брисел беше донесена одлука на Македонија да и биде доделен статус на земја кандидат за членство во унијата, но без да биде одреден датум за почеток на преговорите. Ова беше поздравено од сите политички фактори во земјава, како и од меЃународните претставници

,,Ова е голем ден за Македонија и исто така за Европската Унија. Се радувам што токму британското претседателство го додели овој позитивен резултат, но очигледно има уште многу да се направи за Македонија да се приближи кон Унијата.“

,,Тоа е признание за огромните напори и храброста покажана од оваа Влада и од сите луѓе во Македонија. Ова дава голема надеж и е многу значајно за помладите генерации, за поголема безбеденост и подобра иднина.“


изјавија британскиот амбасадор во земјава Роберт Четертон Диксон и новиот европски претставник Ерван Фуере.

А наместо заклучок, оценката на претседателот Бранко Црвенковски за изминатата година:

„Во 2005 не ја подобривме значакно сегашноста, но лансиравме крупна инвестиција за иднината. Во Македонија денес не се живее подобро од пред една година, но Македонија денес ја доби, поточно се избори за шансата во неа во иднина да се живее многу подобро отколку сега.“

И некако навикнавме на крајот од секоја година да сме незадоволни од неа, но сепак со надеж да ја чекаме нејзината следбеничка:

„Сите заедно да си посакаме многу поуспешна, посреќна, поспокојна 2006 година.“

Да се надеваме дека овојпат навистина ќе биде така.
XS
SM
MD
LG