Достапни линкови

Смешни проекции во одделни елементи недоволни за повисок економски раст


Програмата на Владата за макроекономската пролитика за наредната 2006-та година е без елементи на амбициозност и поставување на повисоки цели со што би се постигнал и долго очекуваниот повисок економски раст во државава, потенцираат економските експерти. Коментирајќи ја програмата во која се утврдени основите на деловниот амбиент за функционирање на економијата во 2006 та година, економските експерти Душан Вељковиќ и Борко Ханџиски забележуваат:

,,Тие проекции не само што во оделни елементи се смешни, туку мислам дека некои министри и Владата стануваат дрски и во поглед на стручната јавност, но и во однос на пошироката јавност.“

,,Реални се затоа што не се преамбициозни, така да релативно лесно можат да се достигнат, меѓутоа ваквите проекции се далеку од амбициозни.“


Проекциите што во програмата се предвидени за идната година, предвидуваат пораст на брутодомашниот производ за четири отсто, одржувањето на ниската стапка на инфлација од два проценти, и зголемување на извозот за 9,7 отсто. Според аналитичарот Борко Ханџиски овие проекции не се доволни за поголем економски раст.

,,Тие проекции не се доволни за повисок економски раст, освен стапката на инфлација која е дури проектирана во согласност со проектираната стапка на инфлација во еврозоната, но останатите две стапки не се премногу амбициозни. Знаеме дека секоја година имаме трговски дефицит од преку една милијарда долари, така да, за да го намалиме овој трговски дефицит мора да имаме многу поголем пораст на извозот, од друга страна проекцијата за БДП и порастот од 4% е умерен, но е далеку од доволен.“

Овие утврдени економски параметри, продолжува професорот Вељановиќ се залажување и не нудат реална слика:

,,Тие предвидувања на макроекономската политика, како некако да се користат за политички маркетинг, а не преку еден сериозен пристап, да се види каде реално се наоѓаме, односно кои проблеми ќе бидат приоритетни за решавање.“

Владата во макроекономската програма за 2006-та со овие проекции, како и со нормализирањето на политичко безбедносна состојба, консолидираниот фискален сектор и спроведувањето на потребните реформи, наведува дека тие претставуваат добра основа за раст на економијата во наредниот период.
XS
SM
MD
LG