Достапни линкови

Разногласие во владата и опозицијата


Власта со различни видувања да се оди или не на предвремени избори, откако ќе биде усвоено новото изборно законодавство, како што бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Бучковски, синоќа ја отфрли оваа можност, додека вице премиерот Радмила Шеќеринска, дури и повика на предвремени избори откако ќе се донесе новото изборно законодавство. Но, без разлика на ваквите различни видувања на претставниците на власта, ВМРО-ДПМНЕ останува единствена политичка партија која не се откажува од барањето за предвремени парламентарни избори:

„Огромен број од заложбите и она што претставува европска перспектива за Република Македонија, кај нас сеуште не профункционира владата како што треба и затоа сметаме дека е потребна нова гарнитура, да дојде на власт во Република Македонија, којашто сериозно ќе се зафати со реформи и ќе направи граѓаните во Република Македонија да почувствуваат дека живеат во европска држава,“

вели Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, опозициските ВМРО-Народна и ЛП велат дека не е време да се разговара за ова прашање. Ни претстои голема работа, е ставот на Слободан Чашуле и Стојан Андов:

„Избори треба да имаме регуларни и во законскиот рок. Ако одиме пред време, особено како што некои заговараат, во април или јуни, кога популацијата ни е зафатена, тогаш на изборите ќе гласаат само милитантните јадра на нашите партии.“

„Само би губеле време ако се окупираме околу тоа. Да се концентрираат силите да сработиме што може да сработиме.“

Против е и владеачката СДСМ:

„Време е после оваа убава работа што ни се случи, владата во наредната година или периодот до изборите да се зафати со реформи кои Европа ги очекува од нас,“

изјави пратеникот Анастасовски.

Инаку, освен уставните реформи во судството, до ноември 2006, владата мора да спроведе уште десетина проекти, од кои најважни за Брисел се усвојувањето и имплементацијата на изборната регулатива, законот на полиција, воведување на едношалтерски систем за регитрација на фирми, како и спроведување на обврските од договорот за стабилизација и асоцијација.
XS
SM
MD
LG