Достапни линкови

Драган Малиновски, претседател на анти корупциската комисија. Нова средба со јавниот обвинител на 26 декември за подобрување на соработката


Македонската јавност за само неколку дена е сведок на неколку финансиски афери, тешки неколку милиони евра. Дел од медиумите за тоа ги обвинија екс премиерот Хари Костов, претседателот Бранко Црвенсковски, па и екс министерот за одбрана Владо Бучковски, актуелен премиер. Јавниот обвинител топката ја префрли на анти корупциската комисија. Господине Малиновски, дали вашата комисија е таа којашто треба да реши дали ќе се порекене постапка за овие случаи?

Делумно се согласувам со таквата констатација и тоа во делот што се однесува на надлежностите за спречување на корупцијата. Уште од самиот почеток за нас немаше дилеми дека треба да се вклучиме во утврдувањето на фактичката состојба во овој случај. Меѓутоа, истовремено укажавме дека не мислиме дека сме единствени што треба да постапуваат. Сепак, случајот има такви димензии и по актерите и по износите и по начинот на кој се укажува во медиумите на нивното стекнување, мислам дека треба да го сврти вниманието и на останатите институции, тука пред се мислам на јавниот обвинител, институциите во рамките на Министерството за финансии кои можеби имаат дел од надлежностите од овој случај. Така што, би требало сите во својот дел да го одработат овој случај, а не да се чека комисијата да го работи она што го работи.

До каде е постапката со овие случаи?

Како што и веќе беше речено ние во овој случај веднаш се вклучивме и природно е да се обратиме директно до банките кои се посочени за сметки на лицата. Дадени се имиња, на кои се однесува, дадени се банки, износи, така што мислам дека тие околности се проверени и треба да видиме дали имаме проблеми со процедури.

Кога може да се очекува одговор од швајцарските банки?

Со оглед на тоа што до сега не сме имале искуство во ваков тип на комуникација со странските банки, и проценката на времето е неблагодарно да се прогнозира. Очекуваме дека брзо ќе го добиеме. Секако сметајќи на деловноста на овие финансиски институции. Очекуваме брз одговор по нашето обраќање до нив.

Друга афера, која истовремено во јавноста се појави со швајцарските сметки беше и ревозирскиот извештај за работата на Министерството за одбрана и тогашниот министер Владо Бучковски. Покренавте ли постапка за овој случај?

Извештаите кои ги прави државниот ревизор вообичаено ни се доставуваат во оние случаи кога државниот ревизор ќе утврди дека има елементи на злупотреби на службената положба кои треба да се санкционираат натаму во постапките. Тие се доставуваат и до нас и до јавното обвинителство. Тоа е вообичаена практика. Со оваа институција имавме одлична соработка со државниот ревизор. Во поглед на последниот случај, за министерството за одбрана, извештајот во конечна форма сеуште го немаме добиено. Од медиумите разбравме дека има извештај. За нас е релевантен само конечниот извештај.

Господине Малиновски, неколку пати го посочувавте господинот Прчевски како човек што не сака да соработува со анти корупциската комисија. Премиерот Бучковски пред извесно време ве седна во неговиот кабинет. Има ли надеж за подобрување на соработката во иднина?

Јавноста беше добро информирана, односно, беше во тек со релациите кои комисијата ги имаше со јавниот обвинител. Но, по средбата кај премиерот јавниот обвинител зема обврска дека ќе организираме средба. Не се работеше дали ние сакаме, туку проблемот беше кај јавниот обвинител и добивме писмо каде што веќе е закажана средбата за 26 декември во обвинителството и ќе биде реализирана. Очекуваме подобрување во соработката со јавниот обвинител затоа што со основните обвинителства имавме комуникација, но тоа не е доволно, неопходна е заедничка стратегија на највисоко ниво во борбата против корупцијата.

Освен со јавниот обвинител, каква е вашата соработка со останатите институции, на пример и од извршната власт?

Значи, сериозен проблем беше со јавниот обвинител а со останатите институции ја подобруваме соработката. Комисијата се етаблираше, стана препознатлива и по надлежностите и по начинот на работа. Соработката мислам дека функционира.

Може ли да споменете бројка на случаи покренати од анти корупциската комисија кои добиле судска разрешница?

Ако го коментираме продуктот на комисијата, значи ние кога наоѓаме елементи на злоупотреби ние излегуваме со иницијатива до надлежна институција. Годишно имаме околу 30тина иницијативи. Од нив, сигурно половината се кон јавното обвинителство. Значи, имаме значителна бројка предмети упатени до таму. Една од причините зошто сакаме соработка е сознанието дека имаме проблем со завршницата на овие предмети. Судска разрешница, со правосилна пресуда, дури и не би можел да се сетам на некој предмет. Значи, сите се во фаза на процедуирање и тоа е сериозен проблем, затоа што кога се говори за ефекти во борбата против корупцијата не ве прашуваат колку сте иницирале, туку колку сте завршиле. Тоа е сосема логично, бидејќи се додека немате правна разрешница, вие може само да прејудицирате исход, но неблагодарно е да се лицитира. Значи неопходна е правна завршница.
XS
SM
MD
LG