Достапни линкови

Конкурентите ја истиснаа „Волга“


Статусниот симбол на Русија, луксузниот автомобил волга, по скоро половина век, набрзо ќе стане минато. Фабриката за автомобили Горкии соопшти дека конкурентните брендови на автомобили , полека ја истиснале волгата од пазарот.

Рускиот тајкун Олег Дерипаска, кој управува со фабриката за автомобили ГАЗ, потврди дека деновите на волгата се изброени.
Волгата е симбол на Русија, но планираме засекогаш да престанеме да ја произведуваме, изјави тој.
Сепак, оние кои штедеа за волга не треба да очајуваат, бидејќи историскиот луксузен двосед-автомобил нема веднаш да исчезне од продажба. Портпаролот на ГАЗ, Олег Гамов, за радио Слободна Европа изјави дека производството постепено ќе се намалува во следните две години.

„Главниот акционер забележа дека без сомнение, волгата застарува и тоа не е никаква тајна. Но, производството на волга нема да престане веднаш.Извесен број на вакви автомобили ќе се произведува и во следните две години.“

Во иднина, фабриката ќе се фокусира на производство на попрофитабилни камиони. Оригиналната волга, огромна, но елегантна беше произведена во 1956 година. Со својот простран ентериер и моќна машина, набрзо им стана омилена на првите луѓе на Комунистичката партија. Таа ја одржа својата популарност помеѓу средната класа и бизнисмените и се нарекуваше руски мерцедес. И рускиот претседател Владимир Путин, поседува волга од 56 година. На минатогодишниот самит во Москва, тој го покани американскиот претседател Џорџ Буш да се вози во волгата околу неговата резиденција.
Сергеј Оверченко е млад човек кој заработува како таксист. Тој вели дека неговата волга 3100 е цврста како тенк.

„Јас работам како возач и речиси никогаш не го оставам овој автомобил. Среќен сум со него. Оваа волга го храни моето семејство. Сигурен сум дека никогаш нема да ме разочара. Како тенк е!“

Цените на волгата почнаа да паѓаат по распаѓањето на Советскиот Сојуз, кога подостапни странски автомобили почнаа да го преплавуваат рускиот пазар. Оваа година, според планот треба да се продадат 56 000 волги, што претставува пад за 7% во однос на минатата година. Со почетна цена од 7000 долари и углед на лесно расипливо возило, дури и најсовремените модели на волга не се вистинскиот погодок.

Александар Рубин ја купил својата волга пред 15 години и се уште го проколнува тој ден.

„Мојата волга постојано се распаѓа, сите делови се расипуваат, амортизерите шкрипат, поради што ставам литар масло секој месец.
Добро е што ќе ја затворат фабриката. Волгата ќе остане само симбол, зашто инаку не е добра.Таа е всушност ужасен автомобил.“


Како и да е, волгата и понатаму ќе остане симбол на богатство и моќ. И кога ќе престане да се произведува, со сигурност ќе се најде во некој музеј, како еден од трајните симболи на Советскиот Сојуз.
XS
SM
MD
LG