Достапни линкови

Со два милиони кози Македонија би се спасила од сиромаштијата


Немало извоз на ниту еден килограм козјо месо, млеко или сирење од Македонија. Експертите покажуваат со прст на законот од времето на СФРЈ, пред 60 години, со кој се забрани одгледувањето кози. Тие велат дека мракот продолжува, иако од осумдесет и деветтата година законот не важи.

Слободан Симоновски, веднаш по стапувањето на сила на новиот закон, зел 24 плати од Хемтекс и ја отворил козарската фарма Таорска Клисура, за да се врати на семејните корени. Сега има 160 кози, а произведува повеќе од триесет видови деликатесно сирење. За продавање, самиот се снаоѓа.

„Амбасадите земаат, хотелите, земаат странците. Јас немам количини. Можам да извезувам. Беа Холанѓаните, правеа анализи, ги исполнувам сите услови, но треба да произведувам десет тони месечно.“

Еден килограм козјо сирење чини во просек триста денари. Симоновски вели дека тоа е ниска цена, а за повисока, државата треба да помогне. За прв пат оваа година, државата одлучила да им помогне на козарите, со сто денари за една коза, но и тие пари уште не стигнале.


„Никако не не третираат, до сега едно пенкало ни немаат дадено.“

Засега најмногу купуваат претпријатијата за здрава храна. Козјото сирење е најлековито, а козата најиздржливо домашно животно, објаснува Симоновски.

„Сите животни паѓаат здравствено, козата не.“

Александар Ристевски од СФАРМ проектот за поддршка на фармерите вели дека модата на традиционалните сирења поминува. Пазарот во иднина ќе бара деликатесни сирења, како оние на Слободан Симоновки.


„Традиционалното бело овчо и кравјо сирење ќе постои, но ќе губи дел од пазарот.“

Експертите велат дека со два милиони кози Македонија може да се спаси од сиромаштијата. Сепак, никој не знае колку кози има во земјава. Зад официјалната бројка од двеста илјади експертите не застануваат, бидејќи таа бројка не од теренот. Велат, од 2006тата треба да започне проект за утврдување на бројноста на козите во Македонија.
XS
SM
MD
LG