Достапни линкови

Во ,,офанзива,, за подршка на војната во Ирак


Американскиот претседател Џорџ Буш тргна во офанзива со цел да ја обнови поддршката за војната во Ирак. Во тие рамки се и четирите негови говори низ Соединетите Држави. Првиот го одржа вчера пред публика што го поддржува. Станува збор за питомците на Морнаричката академија во близина на Вашингтон. Во исто време, Белата Куќа објави документ од триесет и пет страници насловен како Националната стратегија за победа во Ирак.

Говорот на Буш не понуди ништо ново во врска со неговата стратегија во Ирак. Тој, како и досега само уште еднаш се фокусираше врз нејзинте главни точки. Буш повторно побара трпение и уште еднаш ја отфрли идејата за поставување временска рамка за повлекување на американските сили. Според него, со тоа ќе им се дозволи на бунтовниците да ги испланираат своите активности за по американското повлекување. Сепак, Буш смета дека ирачките сили стануваат се поподготвени самите да се грижат за безбедноста во земјата.

„Ние ќе продолжиме да ја менуваме нашата активност, од обезбедување на сигурноста во Ирак кон операции чија цел ќе бидат најопасните терористи. Ние значително ќе ги напуштиме градовите и ќе го намалиме бројот на базите од каде што оперираме.“

Бушовата серија говори доаѓа во време кога повеќе од две илјади американски војници во Ирак загинаа и кога поддршката за таа војна во Америка е на најниско ниво. Последните анкети покажаа дека дури шеесет насто од испитаниците не се согласуваат со политиката на Буш. Толкав е и бројот на оние што сакаат да знаат кога американските војници ќе бидат вратени дома.

„Како што ирачките сили ќе стекнуваат искуство и како што ќе напредува политичкиот процес, ние ќе го намалуваме нашето присуство таму, а без притоа да ја загубиме нашата способност да се бориме против терористите.“

Говорот на Буш неколку пати беше прекинуван од питомците. Но, така не мислат и опозозиционите демократи. Сенаторот Џон Кери кој во трката за американски претседател пред една година неуспешно му се спротивстави на Буш, смета дека токму повлекувањето на американските сили ќе помогне за намалување на бунтовничките акции во Ирак.

„На крајот, стратегијата за излез од Ирак, всушност е дел од стартегијата за успех. Тие одат рака под рака и таа реалност треба да ја сфатат и претседателот и неговата администрација.“

Вели Кери. Неговиот партиски колега сенаторот Џек Рид пак на мислење дека Буш не одговори на клучните прашања:

„Уште еднаш претседателот не успеа да одговори на прашањата што ги поставуваат сите американци: Како да знаеме дали таму постигнуваме успех. Како да го мериме успехот. Колку време ќе бидеме во Ирак. Знаеме дека секое повлекување е засновано врз условите на теренот, но сепак мора да имаме некоја временска рамка.“

Изјави Рид кој по неодамнешната посета на Ирак рече дека оценките на Буш за подготвеноста на ирачките сили сами да се грижат за безбедноста во земјата се премногу оптимистички.
XS
SM
MD
LG