Достапни линкови

За македонските судии ќе бидат организирани посебни обуки


Со цел ефикасни судски постапки за евентуалните предмети за сторени воени злосторства во земјава, од идната година се планира обука на дел од судиите:

„Минстерството за правда во соработка со Здружението за кривично право и Здружението на судиите во Македонија, веќе има преземено некои чекори за одржување на обука на судиите и јавните обвинители за да можат да одговорат на потребите за овие четири случаи.“

Изјави Убавка Матевска од Министерството за правда. Хашкиот трибунал водеше истрага за пет случаи. За предметот Љуботен покренато е обвинение во Хаг против поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, а по останатите, киднапираните, раководството на ОНА, затворањето на липковската брана и случајот Карпалак би требало да се постапува во Македонија. За нив надлежните информираат дека во тек е утврдување на динамиката на превземање. Судиите се подготвени за вакви предмети, а прифаќаат обуки за сите области:

„Имаме доволно стручен кадар кој што може да ги прифати предметите и да ги работи. Каква е политичката клима по однос на тие предмети, тоа веќе не е работа на судиите и на надлежните органи кој што ќе одлучат дали овие предмети ќе се работат кај нас и кога.“

изјави Вели Ведат претседател на Апелациониот суд во Скопје. Токму судовите од овој вид имаат основна надлежност за ваков вид на предмети во Хрватска:

„Во основа четири судови во Хрватска се надлежни за судења за воени злосторства. За нив надлежни се посебни судски совети во рамки на второстепените апелациони судови, во Загреб, Осијек, Ријека и Сплит.“

изјави Јакша Муљачич, хрватски помошник Министер за правда задолжен за соработка со Хашкиот трибунал. Во Босна и Херцеговина за вакви постапки има посебен суд:

„Кај нас сега постои тој државен суд со мешовити судски совети каде учествуваат и странски судии, како и обвинителство со мешовит кадар.“

Изјави Едина Решидовиќ, адвокат од Сараево.
XS
SM
MD
LG