Достапни линкови

Според истражувањата, домашното насилство врз жените е раширено низ целиот свет


Во 1999, Обединетите нации го прогласија 25 ноември за Меѓународен ден за елиминација на насилството против жените и ги поканија владите, меѓународните и невладините организации, да организираат активности за зголемување на свеста за проблемот на тој ден. Насилството врз жените е најголемо во азиските и афричките земји, но исклучок не се ниту европските држави.

Жените во светот секојдневно се соочуваат со тепање и малтретирање. Сара Робертс, портпарол на Амнести Интернешнл, организација за човекови права, за Радио Слободна Европа изјавува дека организацијата подготвила истражување за овој проблем кое покажува дека насилството врз жените е раширено низ целиот свет:

,,Истражувањето што до сега го имаме направено покажува дека насилството врз жените е широко раширено низ сите земји и делови во светот и претставува заедничка злоупотреба на човековите права во многу општества.”

Изјавува Робертс.
Дури ни Франција не е исклучок. Странските новински агенции јавуваат дека според неодамнешна француска студија, домашното насилство одзема живот на една жена секои четири дена во Франција. Според француската студија 164 жени и 47 мажи биле убиени во домашно насилство во 2003 и 2004 година.
Првата студија за домашно насилство на Светската здравствена организација објавена пред неколку дена покажува дека насилството од партнерот е најчеста форма на насилство врз жените, многу повеќе од случаи на насилство и силување од непознати. Студијата се базира на истражување со повеќе од 24 илјади жени од рурални и урбани средини во десет земји. Кина не била вклучена во истражувањето, но домашното насилство е широко распространето и во оваа земја. Кинеските активисти за човекови права се обидуваат да им понудат совет и помош на жртвите во ,,Центарот за Жени,, во Пекинг. Една жена од Центарот за агенцијата Ројтерс изјави:

,,Кога се разведував од сопругот бев сурово тепана. Имав скршеници и рани коишто се потврдени од правен медицински експерт. Можеби сега изгледам како нормален и здрав човек, но имам многу здравствени проблеми.”

Според основачот на ,,Центарот за жени,, во Пекинг Ванг Џингјуан жените во Кина се обидуваат да се прилагодат на светот што се менува:

,,Овие жени се соочуваат со огромна конкуренција за работните места. Некои жени се сосема изгубени. Не знаат како да се справат со ситуацијата. Нашата работа е да им дадеме инструкции.“

вели Џингјуан.
Експертите се согласни дека домашното насилство е покарактеристично за Кина како што се движи кон пазарна економија оставајќи милиони луѓе без работа.
XS
SM
MD
LG