Достапни линкови

Потребна е заедничка работа и на опозицијата и на власта, посочуваат опозициските партии


Македонија мора истовремено да работи и на реформите и на лобирањето во европските земји, за на 15 декември како што очекуваме да се официјализира кандидатурата на земјата за членство во ЕУ, сметаат во опозициските партии. Во тоа според нив активна улога мора да има и опозицијата. Слободан Чашуле од ВМРО Народна вели, опозицијата треба да ја олесни работата на владата, а не да ја отежнува:

„Се додека Владата седи дома и работи на реформите, можат политичари кои не се директно ангажирани во извршната власт, кои и припаѓаат на опозицијата, еве го канам г-динот Груевски да појдеме низ сиот демократско-христијански свет во Европа да им објасниме дека Македонија, може, треба и ќе ги заврши своите работи и предлогот на Комисијата за нејзина кандидатура со одлука на Советот да биде озаконет.“

Критиките и обвинувањата меѓу опозицијата и партиите на власт во овој момент не треба да преовладуваат и тие мора да бидат по умерени, е ставот и на Либералот Стојан Андов:

„Потребно е народот да го убедиме дека исто работиме, што се однесува до евроинтеграциите, и треба да го надминеме тој јаз. Луѓето, граѓаните треба да сватат дека не е тоа некоја лага, туку дека тоа е основен интерес на сите политички сили.“

Македонија според пратеникот Слободан Чашуле мора да работи на две клучни работи:

„Едниот е длабински да се зафатиме и да го видоизмениме нашето општество и држава, кој има несогледлива предност за нас самите, бидејќи ќе направиме европска држава. И второто е, да ги убедиме нашите партнери во ЕУ дека тоа што го правиме го правиме одговорно, совесно за Република Македонија да ја направиме европска држава.“
XS
SM
MD
LG