Достапни линкови

Се надеваме дека Македонија е решена да стане членка на ЕУ и НАТО


Се надеваме дека Македонија е земја која е решена да стане членка на Европската Унија и на НАТО, ова го изјави американскиот државен секретар за политички прашања Николас Бернс на конференцијата во Вашингтон посветена на Балканот и неговата евроинтеграција. Конференцијата беше одржана по повод Десет годишнината од Дејтонскиот договор со кој беше прекината војната во Босна и Херцеговина.

На Конференцијата, организирана од американскиот Институт за мир, се разговараше за перспективите на Балканот да се интегрира во НАТО и во Европската Унија, односно за сето она што е потребно да се забрза патот за постигнување стабилност и економски развој во регионот. Според учесниците, станува збор за голем предизвик и за решавање на сите преостанати проблеми по пат на дијалог и копромис. Во врска со Македонија, односно можноста Грција поради спорот со името да ги блокира нејзините напори кон евроатлантските структури американскиот државен потсекретар за политички прашања Николас Бернс потсети дека Соединетите Држави пред една година ја признаа Република Македонија под тоа име. ,,Ние ја нарекуваме Македонија,, изјави тој, наведувајќи дека Обединетите Нации веќе десет години арбитрираат меѓу Грција и Македонија за изнаоѓање решение поради тоа што и двете земји не можат да се согласат какво би требало да биде името на Македонија. ,,Ние, изјави Бернс, целосно ги поддржуваме тие преговори и целосно се надеваме дека Македонија е насочена кон Европската Унија и НАТО. Мислиме дека може да биде постигнат договор меѓу Грција и Македонија со што би се избегнало евентуалното вето,, рече американскиот потсекретар Николас Бернс на конференцијата во Вашингтон на која главна тема беше Балканот, десет години по Дејтонскиот мировен договор и американската позиција и вклученост во процесите на негово интегрирање во Европа. Претходно и портпаролот на американскиот Стејт Департмент Адам Ерели повтори дека Вашингтон е решен да помогне во стабилноста и демократскиот развој на регионот.

„Балканот е подрачје на интензивен интерес на Соединетите Држави и настојуваме да развиваме блиски и пријателски односи со сите земји во регионот. Мислам дека успеавме со сите нив, билатерлано или во рамките на НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации, да помогнеме во создавањето услови за стабилен и демократски развој за владеење на правото и за поголема добрососедска соработка“.

Изјави портпаролот на американскиот Стејт Департмент, изразувајќи надеж дека сето тоа ќе доведе до решавање на некои од долготрајните прашања што ги раздвојуват земјите на Балканот.
XS
SM
MD
LG