Достапни линкови

Македонската Влада оценува дека случајот нема да влијае на односите со Хрватска


Македонските државни институции претежно молчат и не сакаат јавно да говорат за случајот со генералот Мирослав Стојановски, кој ја разбранува хрватската јавност. Од кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски кој го именуваше генералот Стојановски за началник на ГШ на АРМ, велат нема што да кажат и се повикуваат на изјавата на хрватскиот претседател Стипе Месиќ кој за „Вечерњи лист“ вели – дека случајот Стојановски може да им наштети на добрите односи со Македонија. „Ако постои некој кој е одговорен за било какво злосторство треба да биде обвинет, а не секој пат кога ќе дојде во Хрватска да биде ставен пред свршен чин“, изјави Стипе Месиќ, претседател на Хрватска.
Од друга страна во македонската Влада велат дека овој случај нема и не смее да ги наруши добрите односи со Хрватска:

„Не апсолутно нема да влијае. Ниту ќе влијае, ниту смее да влијае.“

Изјави портпаролот на Владата Агим Јонуз.
Македонскиот началник на Генералштабот, Мирослав Стојановски е обвинет од дел од хрватските политичари, власти и медиуми, дека бил командант на специјалците кои во 91-та година јуришале на Загреб. Од друга страна хрватската национална телевизија по реакцијата на хрватскиот Претседател Месиќ кој предупреди дека случајот Стојановски може да ги наруши добрите односи со Македонија, објави видео снимки од генералот Стојановски со кои се потврдува неговото учество во нападот на Вуковар.
Стојановски беше во официјална посета на хрватскиот Генералштаб, токму на денот кога се одбележуваше годишнината од нападите на Вуковар и тоа по покана на неговиот хрватски колега:

„Посетата беше реализирана на покана од началникот на Генералштабот на хрватската армија, генералот Јосип Луциќ.“

рече мајор Здравко Ризовски, портпарол на ГШ.
Во обид да ја смири топката хрватскиот министер за одбрана Берислав Рончевиќ во неговата реакција за случајот Стојановски изјави оти, Хрватска ги проверува досиеата на сите лица од ЈНА кои влегуваат во Хрватска, дали се обвинети за воени злосторства сторени на нејзина територија. На списокот според него не бил македонскиот генерал.
XS
SM
MD
LG