Достапни линкови

Изработувачите сметаат дека со него ќе се намалат изборните неправилности


Обезбедувањето фер и демократски избори е еден од клучните услови што Македонија треба да исполни на патот кон ЕУ. Во таа насока Министерството за правда во соработка со невладината МОСТ и експертите, изработи кодифициран изборен закон во кој се вградени препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Од денеска како што изјави министерката за правда, започнува јавната дебата и консултациите со политичките партии во земјава за новиот изборен кодифициран закон:

„Сакам да истакнам дека овој закон, не е резултат на мислење на политички партии, туку е текст изготвен врз основа на претходните изборни циклуси. Во наредниов период ќе продолжиме со политички консултации со цел да дојдеме до решенија прифатливи за политичките партии, како и за пратениците кои треба да го дадат својот глас за овој закон.“

Од невладината МОСТ која досега ги следеше изборните циклуси во земјава, сметаат дека со новото изборно законодавство ќе се намали можноста за изборни манипулации:

„Донесувањето на единствен документ, кој што во себе ќе ја содржи материјата од досегашните закони, треба да придонесе, како кон полесно следење на роковите за дејствијата во изборниот процес, така и за намалување на можноста за изборни манипулации и нивно санкционирање. Во исто време треба да ја засили улогата на граѓаните и цивилниот сектор.“

Но и покрај ова дел од експертите со став, со ново изборно законодавство неможе да се дојде до фер и демократски избори:

„Јас неверувам дека со промени во изборното законодавство може да се дојде до фер и демократски избори, бидејќи тоа законодавство и досега беше јасно имаше и предвидено санкции, меѓутоа очигледно тие изборни определби не вредеа и не се почитуваа. Мислам дека е крајно време, партиите да се смират и да се исклучат од изборниот процес. Тие може да се сведат на давање на кандидатски листи и набљудување на изборите преку одборите, ништо друго... Треба силен надзор и мониторинг од надвор и од внатре, од невладиниот сектор.“

изјави професорот Димитар Мирчев.
XS
SM
MD
LG