Достапни линкови

Предложената Резолуција за независност на Косово


Пред почетокот на преговорите за идниот статус на Косово, пратениците во косовското собрание в четврток ќе гласаат, а сосема е сигурно дека и ќе ја усвојат предложената Резолуција за независност на Косово. И додека претставниците на косовските срби чекаат таквиот потег да биде осуден, УНМИК, не коментирајќи ја суштината на Резолуцијата смета дека е добро што ќе биде донесен еден таков документ кој, како што се вели, ќе биде соодветно упатство за преговарачкиот тим.

Резолуцијата за независност на Косово ќе биде ставена на гласање на седницата на собранието која по хармонизирањето на ставовите меѓу власта и опозицијата е закажана за в четврток. Резулцијата најпрвин ја предложи опозиционата Демократска партија на Косово на Хашим Тачи и во неа стоеше дека собранието ја потврдува волјата на народот за независност. По извесни разговори тоа е сменето и сега се наведува дека Собранието го потврдува прогласувањето на независноста. Шефот на најголемата парламентарна група Аљуш Гаши потврди дека неговиот Демократскиот сојуз се согалсил со ваквиот текст:

„За Демократскиот сојуз на Косово тоа е конечна верзија и сега останува да се види дали тој ќе биде усвоен во Собранието.“

Предлог резолуцијата доаѓа во моментот кога почнаа подготовките за преговорите за статусот на Косово. Портпаролот на Демократската партија на Косово Вљора Читаку вели дека е најважно, со Резолуцијата, е да се потврди волјата на народот за независност:

„Важно е дека е постигнато единство меѓу парламентарните групи за заедничката верзија која треба да биде увоена.“

Од друга страна, претставниците на косовските срби оценуваат дека со усвојувањето на Резолуцијата се прејудицира решението на статусот на Косово. Според Оливер Ивановиќ од Српската листа за Косово и Метохија, Резолуцијата не произведува правно, туку политичко дејство.

„Мислам дека тоа е за жалење и за силна осуда. Најпрвин затоа што УНМИК не реагира како што треба и резолуцијата да ја осуди за неприфатлива“.

И додека Ивановиќ очекува осуда, шефот на УНМИК Сорен Јесен Петерсен неодамна изјави дека Собранието на Косово треба да усвои некаква резолуција според која би се раководела преговорачката делегација.

„Повеќепати шефот на УНМИК изјавуваше дека би било добро Собранието на Косово да усвои соодветно упатство за преговорачкиот тим за косовскиот статус.“

Вели портпаролот на УНМИК Нираџ Синг. Во секој случај по усвојувањето на Резолуцијата ќе биде познат и ставот на меѓународната заедница чии претставници повторуваат дека се неприфатливи едностраните потези и на Приштина и на Белград по прашањето на статусот. Но, и онака ставот на Приштина е дека за независноста не треба да се преговара.
XS
SM
MD
LG