Достапни линкови

Влатко Стефановски, музичар: Сериозен уметник не очекува ,,многу,, од државата, туку се потпира на својата креативност


Генерално вашите ставови за македонската музика, беа дека има премногу ,,кич,, на сцената. Мислите ли дека има некое движење во поново време?

За среќа има, меѓутоа тие движења се некаде во локалните подруми, гаражи, спални соби, мислам дека се повеќе андерграунд или некако припаѓаат кон она што го нарекуваме алтернатива. Но, она што го гледаме по медиумите и што се сервира како музика, мислам дека не задоволува никого. За среќа растат деца кои имаат доволно смисла за хумор, кои се добро информирани, сакаат да работат нешто оргинално, да вежбаат на некој инструмент...

Вие сте на музичката сцена повеќе од 25 години, можебите ли да направите некоја споредба за третманот на уметниците од страна на државата тогаш на почетоците од времето на СФРЈ, и сега?

Знаете што, ако сте сериозен уметник и креативен човек, нема да очекувате многу од државата. Државата си има свои проблеми и неможе да се бави со поп, рок, џез музика, веројатно може во одредена мера, но човек треба да очекува од себе. Најмногу можеш себе си да си наредиш и да си поставиш некои задачи и да тежиш кон нив, неможеш постојано да ја обвинуваш државата, за недостаток на талент, амбиција и добра воља... Условите човек мора сам да ги создава и да се снаоѓа во одредени системи. Кога почна да се распаѓа поранешната држава Југославија, сфатив дека треба да се збогуваме со едно време и еден систем и исклучиво се потпрев на сопствените сили, интуиција, инстинкт за преживување за да изградам нови односи, со тогашните соработници и со своите бивши соработници, во однос на проектите кои ми се нудат и да смислам како тоа да функционира.

Соработувате со врвни музичари во светски рамки, каков е третманот кон еден музичар кој доаѓа од Балканот? Чувствувате ли некаква дискриминација на тој план?

Музичарите се обично луѓе со широки светоназори и меѓу нив нема дискриминација, напротив тие се оние кои се борат против сите видови на дискриминација. Главно, дискриминациите доаѓаат од бирократиите на одредени држави, од нивните системи и од нивното поимање на светот. Страшно тешко ми паѓа таа дискриминација од земјите од Западна Европа. Сме ,,виселе,, заедно со најголемата македонска група ,,Леб и сол,, на лондонскиот аеродром, сме виселе со саати, затоа што најверјатно сме им личеле веројатно на некои емигранти, дилери, шверцери или незнам што... Меѓутоа страшно тешко сум ги доживувал тие работи. Да речеме сум бил во притвор во Шведска, во едно незгодно време, тие денови кога престана да важи југословенскиот пасош, кога се воведоа визи за граѓаните од Македонија од поранешната СФРЈ. Тоа беше тој преоден период кој беше многу незгоден. Навистина, многу навредливо ми паѓа за мене како и за музичарите со кои патувам, чекањето и борењето за шенгенска виза. Неодамна имав средба со поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија и му ги кажав сите овие работи доста директно, се надевам не и агресивно, и тој се обиде да најде едно оправдување и вели: едно е да си добар уметник, а друго е што се граѓанин на одредена држава.

Имате работено и на филмска и на театарска музика. Можете ли да го споредите искуството?

Тоа се ,,херметички,, да речам искуства, кога сте во студио затворени со еден филм, вие влегувате во филмот, меѓутоа сте осамени и тогаш си заликувам на сликар, кој во своето атеље седи и бара инсипрации. Тоа е една пасивна популарност, тоа не е оваа популарност, свирење на сцена имање публика... А јас оваа година за среќа, многу свирев и имав концерти и мислам дека најдоброто нешто што може да му се случи на еден музичар, е свирење пред публика.

Што мислите за македонската публика?

Таа си има право да бира дали ќе оди на концерт на Цеца или ќе се упати на концерт на Ролинг Стонси на најблиската дестинација. Тоа е нивно право, неможеш да ја обвиниш публиката за ништо.

За ,,Кула карти,, вашиот албум се крена многу прашина, дури се зборуваше дека сакате да и конкурирате на комерцијалната музика. Сметате ли дека прекршивте некој свој личен принцип со овој албум?

Со тој албум не мислев да му конкурирам на било кого, со тој албум си конкурирам на самиот себе си. Го ставам во низ на моите претходни и моите последователни проекти. Имав потреба да направам еден таков ,,помек,, еден поразбирлив албум, иако се покажа дека и не бил толку многу разбирлив од прво слушање. Но, јас стојам зад секој збор што сум го напишал и зад секој тон што сум го отсвирел.

По собирањето на Мизар и Бело Дугме, логично се постави прашањето и за собирањето на Леб и сол. Се случува ли нешто ново, посебно што се споменуваше дека некои бизнисмени би застанеле зад тој проект?

Не се случува ништо. Како поминува времето, луѓето стануваат свесни за големината на тој бенд, во меѓувреме не се појави поголем бенд.. мислам секоја чест на напорите, но не се појави бенд од тој формат. Мислам дека треба да се состават некои ,,коцкици,, за тоа да се случи, во овој момент немам што да ви најавам нешто спектакуларно и сензационално на тој план.
XS
SM
MD
LG