Достапни линкови

Економските експерти со поделени мислења, за ваквата политика


Препораките на Мисијата на ММФ во земјава за одржување на монетарна и фискална дисциплина во 2006 предизвика поделени мислења кај економските експерти. Според професор Живко Атанасовски од Економскиот факултет во Скопје, одржувањето на макроекономската стабилност е претпоставка за квалитетни инвестициони вложувања и економски раст:

„Макроекономската стабилност не е причината за состојбата во економијата, за отсуството на инвестиции, или прилив на странски капитал итн. Мислам дека доколку сакаме развој, макроекономската стабилност е најдобрата состојба за Македонија.“

Иако е тешко е да се промени буџетската политика на една земја, Атанасовски сугерира дека во иднина би било најдобро да се намалуваат расходите за социјалните трансфери, за сметка на капиталните инвестиции.
Првиот човек на ММФ во земјата, Марк Грифитс препорача одржување на макроекономската стабилност, ниска инфлација и мал буџетски дефицит од 0,6%. Грифитс изрази задоволство од досегашните економски реформи, но потенцираше слабости во здравствениот сектор, каде што се зголемиле долговите.
Според Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, политиката на ММФ не е најповолна за македонската економија.

„ММФ се определува пред се, приоритет и дава на макроекономската стабилност, бидејќи не сака да ризикува. Но, не и е баш висок приоритет економскиот раст, мислам дека тука сме различни во мислењата, бидејќи Македонија една декада има стабилност, а неа и е потребен раст.“

Министерот за финансии Никола Поповски, истакна дека во земјава има економски раст, но проблемот е неправилната распределба на бенефитите од истиот.

„Растот за идната година е предвиден за 4,0% од БДП и тоа ќе биде четврта сукцесивна година во која имаме раст.“

Мисијата на ММФ и Министерството за финансии го утврдија Буџетот за следната година. Тој ќе тежи 103 милијарди денари. Даночните приходи ќе се зголемат за 6.6% во однос на годинава, што се должи на новопроектираниот раст и подобрената наплата на приходите, информираат од министерството за финансии. Најголем дел од буџетот ќе се троши на плати и социјални трансфери, а најмалку само 2% на капитални инвестиции.
XS
SM
MD
LG