Достапни линкови

Би било добро за целиот регион Македонија да добие позитивно мислење од ЕУ


Македонија заслужува позитивен одговор од ЕУ за евро прашалникот, вели Алекс Грегориев, директор на одделот за Западен Балкан во рамки на проектор за меѓуетнички односи, поддржан од американскиот Стејт Департмент, и германскиот Маршалов фонд. Има многу работи што треба да се направат, но исто така и многу е постигнато, посочува тој и додава, станува збор за политичка одлука:

„Македонија полека станува нормална европска земја. Македонија заслужува да стане земја кандидат за членство во ЕУ, друга работа е кога ќе започнат преговорите. Тие може да почнат наредната година, но политичката одлука која ќе ја класифицира Македонија како кандидат за членство во ЕУ може да се донесе и сега. Политички беа одлуките за Бугарија и Романија, како и за Турција. Можам да кажам, кога се донесе ваква одлука за Бугарија и Романија имаше уште многу проблеми. Некои, како на пример корупцијата, сеуште се актуелни. Не се работи само за политика, туку и за доследноста на ЕУ.“

Според Григориев евентуалната позитивна одлука за Македонија ќе биде важен сигнал и за регионот:

„Ако јас денеска би седел во Брисел би размислувал многу сериозно за можните негативни последици во Македонија, ако има негативен одговор. И не само во Македонија. Ваквата одлука би имала голем регионален удел, ако членството во Унијата не е можно за Македонија, ќе биде ли тоа реално потоа за Босна, Србија, да не зборувам за Косово. Мислам дека европските лидери го разбираат ова и тоа се гледа со одлуката за Турција. Од гледна точка на САД, важно е Македонија и соседите да станат дел од ЕУ, но има уште една работа што ја засега вашата земја. Покрај се, таа мора да ги заврши реформите, а клучно за развојот е владеењето на правото.“

Григориев посочува дека проблемот со уставното име не би требало да претставува пречка за интеграција во евро-атлантските структури и истакнува, од големо значење е американската одлука за признавање на името:

„САД можат да одат и понатаму и да го искористат авторитетот и да помогнат во решавањето на прашањето за уставното име во директни контакти со Атина. Сите разбираат дека решавањето на ова прашање ќе и помогне на Македонија, но и на Грција, бидејќи така, таа ќе важи за вистински регионален лидер. Грција има одлична позиција во регионот за да ја преземе позицијата на економски и политички лидер, а понекогаш лидерите треба да носат одлуки.“
XS
SM
MD
LG