Достапни линкови

Експертите предупредуваат на трендот на ,,одлив на кадри,,.


Последнава година според податоците на МВР за прв пат се случува бројот на граѓаните кои бараат да се отпишат од македонското државјанство да биде поголем од бројот на тие кои бараат македонско државјанство. Ваквите податоци според социолозите покажуваат дека во Македонија мора итно да се превземат чекори за подобрување на целокупната состојба. Ерол Сали началник на секторот за граѓански работи, при Министерството за внатрешни работи вели:

„Од како ги применуваме измените и дополнувања на законот, во истиот период по лично барање на граѓaните се отпуштени 3 987 лица. Првпат во овие 15-тина години колку што работиме со овие закони, да имаме во една година повеќе лица кои бараат отпуст од државјанство, отколку лица кои бараат прием на државјанство.“

За социологот Илија Ацевски загрижувачки е фактот што најчесто земјава се одлучуваат да ја напуштат најспособните кадри кои можат многу да направат за оваа земја:

„15 години на овој простор се случува нешто што создаде еден отпор или проблем, да се живее во една држава каде што нема перспективи. И дури и оние кои се способни и значат нешто за општеството, а кои што неможат да дојдат до израз најчесто тие се таа категорија која што почнува да бара излез од државата, а излезот во овој случај е едноставно да се отсели. И она што е најтрагично е тоа што еден подолг временски период оние што се творечки луѓе и што умеаат да водат економија, кои се креативни, ја напуштаат државата.“

Македонија според него сега се наоѓа во една социолошка и политичка пресвртница и владата како што вели Ацевски мора да презема конкретни чекори за подобрување на ваквата состојба:

„Мора да се создадат некои претпоставки, дека оваа држава барем во наредните 3-4 години ќе покаже некои знаци дека може да се излезе од кризата. Не се работи за тоа дали јас денеска имам нешто да јадам, туку дали имам перспектива во оваа држава. Значи не станува збор само за материјалното.“
XS
SM
MD
LG