Достапни линкови

Започнува приватизација на уште пет сегменти


Започнува приватизација на уште пет сегменти од јавното здравство, заради измените на законот за здравствена заштита. Засега приватно работат стоматолозите. Доктор Љиљана Ивановска вели дека тие го дочекале почетокот на приватизацијата неподготвени:

„Мислам дека беше многу хатично. Се вработуваа нови асистенти, многу беше тешко. Дури сега во септември, по мај кога почна приватизацијата, почнавме да влегуваме во некој колосек.“

Од Министерството за здравсто велат дека приватизацијата ќе ги подобри услугите:

„За пациентите ништо не се менува. Тие и понатаму ќе продолжат да ги користат правата на Фондот и можат само да добијат подобри услуги, за истите средства кои досега ги вложувале. Промените за пациентите може да се движат само на подобро.“

И доктор Ивановска се согласува дека сега пациените се позадоволни, но додава дека за поестетска стоматологија тие си доплаќаат:

„Пациентите се сложуваат и на минимална доплата за поестетско работење на предни заби. Има многу сиромашен народ кај нас, така да и минимална доплата им претставува преоптоварување на домашниот буџет.“

Сеуште не се знае кога точно ќе се приватизираат петте сегменти од јавното здравство. Васил Радевски од самостојниот Синдикат за здравство вели дека во моментов се подготвуваат подзаконските акти, а на прашањето колку амбулантите се подготвени за вакви промени вели:

„Ако зборуваат дека, сега сме комплетно спремни за да влеземе во процесот на приватизација, ќе ве излажат. Тоа е процес кој требаше многу порано да се случи, требаа и подготвителни периоди, меѓутоа ние си ги одлагавме тие работи. Ние практично сме навикнати да чекаме и да видиме што ќе покаже времето. Актите се донесуваат, законите се донесуваат, меѓутоа резултатите за тоа дали ќе биде подобро или не, тоа времето ќе го покаже.“

Дали пациентите сепак ќе треба да плаќаат на приватните лекари за услугите, засега е неизвесно:

„Никој во овој момент не разговара за партицапција. Ако му кажам некому дека ќе бидат пациентите ослободени од партиципација, или доколку им кажам на докторите дека партиципацијата ќе биде ваша... Нема акт, нема документ за тоа.“

Додава Радевски. Вакцинирањето, итната помош и домашната посета остануваат сегменти кои нема да станат приватни.
XS
SM
MD
LG