Достапни линкови

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан препорачува почеток на разговорите за статусот на Косово


Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан упати писмо до Советот за безбедност во кое се препорачува почеток на разговорите за идниот статус на Косово. Ова, како што се наведува, било врз основа на извештајот што на четврти октомври му го предаде неговиот специјален пратеник за проценка на стандардите на Косово Каи Еиде. Генералниот секретар Анан, најавувајќи ја ваквата препорака, изјави дека тие разговори би требало да почнат наскоро и оти опциите се од автономија до независност.

„Сакам да покренам разговори за статусот на Косово. Ќе наименувам специјален пратеник, некој што ќе ги води овие преговори. Секако не можам да кажам кој ќе биде резултатот од нив. Покренато е прашањето за независност, покренато е прашањето и за автономија.“

рече Анан. Се очекува Советот за безбедност, на седницата закажана за дваесет и четврти овој месец, да соопшти дека ја прифаќа неговата препорака за почеток на разговорите. Ваквата најава со задоволство беше прифатена од шефот на УНМИК Сорен Јесен Петерсен кој изрази надеж дека тие би почнале до крајот на годинава. Косовскиот премиер Бајрам Косуми пак оцени дека тоа е почеток на најзначајниот период во историјата на Косово. Тоа, според Косуми, е старт на просецот кој, како што рече, ја отвора перспективата за создавање држава Косово, , Исполнувавме стандард по стандард за да го подготвиме Косово да стане држава, изјави Косуми во јавното обраќање. Препораката на генералниот секретар беше поздаравена и од Соединетите Држави. Помошник американскиот државен секретар за политички прашања Николас Бернс изјави дека во овие разговори сака да учествува и Вашингтон и оти за таа цел ќе биде наименуван специјален пратеник. Бернс оцени дека конечниот статус на Косово нема да биде одлука на Обединетите Нации, Соединетите Држави или Европската Унија, туку на граѓаните на Косово. Николас Бернс во рамките на неговата турнеја на Балканот во идната недела ќе престојува во Приштина, Белград и Сараево.
XS
SM
MD
LG