Достапни линкови

Позитивна одлука за Македонија и регионот


Одлуката на ЕУ да ги започне преговорите за членство на Турција и Хрватска во ЕУ е добра порака за целиот регион а и Македонија бидејќи со ова Унијата покажува дека вратите за земјите од Западен Балкан не се затворени е ставот на политичките партии во Македонија.

,,Многу позитивна одлука, не само за тие држави, туку и за регионот воопшто,”

вели Славица Грковска од СДСМ. Со сличен став и Стојан Андов од Либералната Партија и Рафиз Халити од ДУИ:

,,Оваа одлука е многу добра вест и за Турција и за Хрватска, а и за нас и за Европа. Бидејќи Европа останува на концепцијата на проширување и она што навистина оди кон Европа и е Европа му отвора пат за влез.”

,,Мислам дека ова е добар знак за сите земји на Балканот и за Република Македонија и натаму да продолжиме со реформите.”


Жарко Караџовски од ВМРО Народна ја поздравува одлуката но вели за Македонија можеби не е добро што Хрватска ги започнува преговорите пред нас

,,Тоа значи дека не се затворени можностите ЕУ да се прошири. Тоа е добар знак, посебно за Турција која со години чекаше на ова. За нас, можеби не е добро тоа што на Хрватска и беше дадена предност пред нас. Бевме во пакет да одиме заедно, но во секој случај, надежно е дека ќе дојде денот и за нас.”

Министерството за надворешни работи упати честитки до Турција и Хрватска за започнувањето на преговорите и одлуката на Унијата ја оцени како мошне позитивна и за Македонија.
XS
SM
MD
LG