Достапни линкови

Средба на внуците на Стали, Черчил и Рузвелт за Јалта


Внуците на Јосиф Сталин, Винстон Черчил и Френклин Рузвелт во текот на изминатиот викенд за прв пат се сретнаа во холандски Маастрихт да разговараат за познатата конференција на Јалта на која во илјада деветстотини четириесет и петата учествуваа нивните славни дедовци. За разлика од оние што ја обвинуваат Јалта за почеток на Студената Војна, внуците на сојузничките лидери се на спротивно мислење.

Средбата во Маастрихт беше прва средба меѓу членовите на семејствата на лидерите на сојузничките сили од Втората Светска Војна. Конференцијата во Јалта беше договорена откако почна повлекувањето на германската армија и откако пропадна визијата на Хитлер за нацистичка Европа. Сталин, Рузвелт и Черчил се состанаа на Брегот на Црно Море за да решат како да ја окупираат Германија и како да ја реорганизираат Европа според нивните сфери на интерес. Нивните внуци деновиве во Маастрихт се спротивставија на толкувањата дека со тој состанок Европа беше поделена на два дела, со што всушност и започна пеесет годишната студена Војна. Винстон Черчил Трети вели дека тоа не соодветствува со историските факти:

,,Луѓето си претставуваат дека Черчил, Рузвелт и Сталин пристигнале во Јалта со бел лист хартија за да решат каква ќе биде судбината на Европа. Ништо не е толку подалку од вистината. Судбината на Европа беше решена неколку месеци претходно кога Црвената Армија освои големи територии во централна Европа. Тоа ја реши судбината на Европа.”

Дури и актуелниот американски претседател Џорџ Буш во своите говори неколку пати повторува дека на конференцијата во Јалта големите земји решиле за судбината на помалите народи на начин кој резултирал со неколку деценско нивно угнетување. Кертис Рузвелт, вели дека ваквите оценки на Буш не се точни.

,,Лажната слика дека Јалта е лоша ја имаат многумина, па и мојот претседател Џорџ Буш во неговите говори. Но јас мислам дека е неодговорно од него да дава такви изјави. “

На Конференцијата во Јалта на ниту една друга земја не и беше дозволено да учествува, ниту пак потоа да ги потврди или да ги отфрли тамошните одлуки. Многумина историчари сметаат дека сличните карактери на тројцата лидери биле решавачки. Тие го критикуваат Рузвелт дека бил преголем идеалист, додека Черчил повеќе бил заинтересиран да ги заштити британските колонијални интереси отколку малите народи во источна и централна Европа. Пред извесно време, полскиот претседател Алекснадар Квашневски ја опиша Јалта како трагедија и траума за Полска. На источно европејците пак, како што сметаат историчарите, крајот на Светската Војна им донесе нов тоталитаристички владетел, Советскиот Сојуз.

,,Дедо ми имаше еден убав израз за Сталин: Тој е како крокодил. Никогаш не знаеш дали се обидува да се насмее или се подготвува да те проголта.”

Вели внукот на Винстон Черчил. Внукот на Сталин, Евгениј Џугашвили кој е воен историчар и поранешен советски полковник вели дека не го запознал дедо му и оти дознал за него кога имал десет години.

,,Черчил бил добар во кажување фрази. Тој е познат по тоа. Но, кога Сталин влегол во собата, Черчил станал и во став мирно му салутирал. Се прашувам зошто?”
XS
SM
MD
LG