Достапни линкови

Црногорскиот закон за референдум е објективен во согласност со демократските стандарди


Црногорскиот закон за референдум е објективен и во него се воспоставени многу јасни критериуми за изјаснување кои се во согласност со демократските стандарди, оцени Пол Вилијамс извршен директор на Групата за меѓународно право и политика во рамки на меѓународната експертска тркалезна маса што неодамна се одржа во Црна Гора.

Откако и домашните и меѓународните експерти се согласија дека Црна Гора, како врз основа на нејзиниот Устав, врз основа на Уставот на Државната заедница, така и според меѓународното право, има право на референдум за државниот статус на земјата, професорот Пол Вилијамс извршен директор на Групата за меѓународно право и политика и некогашен советник во Стејт Департментот, се изјасни во врска со постоечкиот црногорски Закон за референдум:

„Законот за референдум на Црна Гора е објективен и го штити демократскиот интегритет на гласање. Додека законот за граѓани во земјата, е направен така што обезбедува, за иднината на Црна Гора да одлучуваат лица кои се определиле да живеат овдека, односно, условот во него е дека за да можете да гласате, морате минимум 24 месеци да живеете во Црна Гора. Сето тоа е во согласност со меѓународните документи“.

Професорот по меѓународно право на подгоричкиот Универзитет, Небојша Вучиниќ пак, укажува:

„Во нашиот случај, титуларот на право е јасно одреден и познат. Тоа е народот на Црна Гора, односно мнозинството граѓани, без оглед на нивното национално, етничко или верско потекло, кои постојано живеат во Црна Гора. Овој територијален аспект на самоопределување е многу важен бидејќи со него се одлучува за статусот на територијата.“

Во рамки на трибината, професорот на лондонскиот Универзитет Ралф Вајлд истакнува дека начините за остварување на самоопределувањето, се референдумот, но и изгласување на независност во законодавните тела. Но, тој додава дека за стекнување на независност е потребна и согласност од државата која се дезинтегрира. Доколку таа држава не го прифати тоа, тогаш може да се оди на меѓународна арбитража:

„Доколку се одлучи за независност, народот на Црна Гора и понатаму може да го ужива правото на самоопределување како држава. Тогаш, народот би можел да одлучи повторно да се соедини со Србија, можеби некогаш во иднината. Доколку пак, на референдумот црногорскиот народ одлучи да продолжи во заедништво со Србија, тогаш веќе не постои правото на самоопределување врз основа на договорот од 1991-та година за распадот на Југославија.

Во тој случај заклучува професорот Вајлд, црногорците би имале право на самоопределување, но само како народ на заедничката држава.
XS
SM
MD
LG