Достапни линкови

Македонија извезува 23 илјади тони јаболка, но 40 илјади се без пласман


Одгледувањето на јаболка во преспанскиот регион претставува 98 проценти од вкупното овоштарство. Оваа година во Преспа се произведени околу 75 000 тони јаболка. Од нив на домашниот пазар се пласираат 15 000, а во странство во текот на 2005 се извезени 23 000, велат податоците од министерството за економија. Останува бројката од околу 40 000 тони јаболка кој својот пласман не го пронашле никаде.
Градоначалникот на Ресен Димитар Бузлевски вели дека прашањето за пласманот останува отворено, но дека на тоа интензивно работат заедно со централна власт:

„Некаде во 2000-та година со склучување на спогодбите за слободна трговија со соседните држави, јаболкото е ставено на контингент. Ние сакаме тие бариери да ги урнеме и македонското, односно преспанското јаболко да биде конкурентно на тие пазари во поглед на цената.“

И преимерот Владо Бучковски на гласањето доверба на Владата со јаболката и крушките сакаше да покаже дека во Македонија има и убави работи. Градоначалникот Бузлевски пак после посетата на Премиерот очекува и тој да се заложи за подобрување на извозот:

„Останува Премиерот Бучковски на средбата на 7 октомври во Бугарија да разговара на таа тема и да побара од нив, на бугарскиот пазар македонското јаболко да биде поконкурентно од другите јаболка кои се увезуваат во Бугарија, а тоа се полското и грчкото.“

вели Бузлевски и додава дека капацитетот кој се користеше за преработката на неквалитетните јаболка – Преспа, во селото Царев Двор сега не работи со полн капацитет:

„За жал имавме една несреќна приватизација со која што добриот капацитет за преработка на јаболка е приватизиран од луѓе кои немаа допирни точки со производството и преработката на јаболка.„

Друг познат регион по производство на јаболка кај нас е тетовскиот. Градоначалникот Хазби Лика нема информации колкаво е производството во општината:

„Генерално ние се обидуваме да најдеме некој метод за тоа како да се справуваме со вакви иницијативи.“

Според Исмаил Ебипи од Министерството за економија најдобра година за извозот на јаболка била 2002-та:

„Кога се извезени 35 илјади тони јаболки во вредност од 3, 8 милиони долари. Инаку во периодот од 1998-2002 година просечно се извезуваа 23 899 тони јаболка на годишно ниво.“

објаснува тој и додава дека најмногу јаболака се пласиррат на пазарите на соседните држави.
XS
SM
MD
LG