Достапни линкови

Обелоденети плановите на Вашингтон за иднината на НАТО


Новата американска амбасадорка во НАТО Викторија Нуланд деновиве во Брисел ги обелодени клучните елементи на плановите на Вашингтон за иднината на Алијансата. Таа изјави дека Соединетите Држави сакаат централен дел на подготовките на самитот во идната година да биде глобалната безбедност.

Подобро опремен, поситуиран и пофлексибилен НАТО е една од централните цели на надворешна политика на вториот мандат на американскиот претседател Џорџ Буш. Или, како што изјави новата американска амбасадорка во НАТО Викторија Нуланд, Вашингтон сака НАТО да се преорганизира за Дваесет и првиот век. Следниот самит, што според извори на НАТО, ќе се одржи идната есен во летонскиот град Рига, ќе биде посветен токму на ова прашање. Нуланд најави дека осумнаесет месеци по овој самит, ќе биде одржан уште еден на кој ќе се расправа за натамошното проширување на НАТО. Таа додава дека Соединетите Држави веќе ги започнала разговорите со своите сојузници околу тоа какви да бидат промените на Алијансата.

„Мислиме дека НАТО има огромен неискористен потенцијал како безбедносен тренер. Соединетите Држави и другите сојузници му посветуваат многу на ова прашање. Соединетите Држави и Франција, например сега работат со Либан за заврстување на неговите безбедносни служби.“

Нуланд додава дека Соединетите Држави сакаат НАТО силите за брза реакција, кои е планирано да бидат целосно оперативни во октомври идната година, да бидат поподвижни, помодерни и поопремени. Тие сили, како што додава, треба да имаа мандат да се соочат со заканите какви и да се и каде и да било во светот. Таа притоа забележува дека некои делови на силите за брза реакција веќе биле употребени да ги обезбедуваат изборите во Авганистан, но и да транспортираат помош за жртвите од ураганот Катрина. Според Нуланд, еден од главните проблеми во трансформирањето на НАТО е неговото финансирање.

„Убедени сме дека нашата голема алијанса е бедно финансирана. Само неколку сојузници го исполнија барањето за двопроцентно ниво на трошоците за одбрана. Во меѓувреме, нашето ниво на амбиции никогаш не било повисоко. Вашингтон сака да создаде повеќе заеднички фондови со сојузниците.“

вели Нуланд, додавајќи дека и во рамките на Европската Унија расте разбирањето оти пост студениот меден месец на НАТО во врска со безбедносните закани завршил.

„Исто толку важно како и развојот на воените можности е проширувањето и продлабочувањето ба политичкиот дијалог внатре во Алијансата. НАТО мора да биде место каде што ќе разговараме за сите прашања како на пример: Блискиот Исток, Ирак, Северна Кореа, Кина, Иран.“

Изјави новата американска амбасадорка во НАТО Викторија Нуланд.
XS
SM
MD
LG