Достапни линкови

Мобилните телефони не се опасни за здравјето


Британските научници објавија резултати од најголемото истражување што е спроведено во светот во врска со тоа дали мобилните телефони се безбедни за здравјето на човекот. Уште од појавата на мобилките постојат наводи дека тие го зголемуваат ризикот за тумор на мозокот. Сега, научниците велат дека не постои таква опасност.

Слободно земете го мобилниот телефон и разговарајте колку што сакате. Имено, според британските научници, вашето здарвје нема да биде доведено во опасност. Единствено, вашиот паричник. Најдолгото истражување спроведено во неколку европски земји покажа дека не постои врска меѓу употребата на мобилките и туморот на мозокот. Станува збор за акустична неурома, тип на тумор кој расте во нервот што го поврзува внатрешното уво со мозокот. Познато е дека овој тумор може да биде предизнвикан од икс зраците. Научниците сакаа да да откријат дали мобилните телефони кои исто така емитуваат радијација, но во мали количества, го имаат истиот ефект врз акустичниот нерв. Шефот на истражувањето Ентони Свердлов за Радио Слободна Европа објаснува зошто било спроведено тоа:

„Бидејќи станува збор за тумори на нервниот систем што се случуваат многу блиску каде што се држат мобилните телефони, кои емитуваат радијација.“

Истражувањето е извршено во Британија, Финска, Шведска и Норвешка, односно во земји каде што има најголем број на луѓе кои над десет години користат мобилни телефони. Според Свердлов, биле испитувани и оние со симптоми на акустична неурома и оние бз нив.

„За корисниците на телефони до десет години, не постои никаква врска меѓу мобилките и туморите. Во тоа сме сигурни. Немаме многу податоци за оние што користат мобилни над десет години.“

Бидејќи мобилните телефони се релативно нова технологија, никој не ги знае можните долгорочни ефекти, на пример од дваесет, триесет или четириесет годишното нивно користење. Исто така се уште нема исцрпно испитување во врска со можните ефекти на употребата на мобилките врз децата. Некои научници и натаму им препорачуваат на родителите да ја ограничат употребата на мобилките кај децата.
XS
SM
MD
LG