Достапни линкови

Најпогодени места источно од Њу Орлеанс


Ураганот Катрина предизвикува големи штети во јужните крајбрежни предели на Соединетите Држави и покрај тоа што сега е со намален интензитет на ниво на тропска бура. Иако се очекуваше дека најпогоден ќе биде Њу Орлеанс, сепак, тоа беа други места источно од овој град. Според последните информации на локалните власти само во државата Мисисипи загинале околу пеесет луѓе.

Делови од Њу Орлеанс, кои беа евакуирани, се под вода и, според градските власти, околу дваесетина згради биле уништени. Како што е познато, околу седумдесет проценти од Њу Орлеанс е граден на земјиште под нивото на морето. Силните ветрови отргнале дел од покривот на тамошниот стадион каде што се засолнија над девет илјади луѓе со што познатиот Супердом стана најголемото засолниште на светот. И покрај тоа што експертите очекуваа Катрина да го погоди Њу Орлеанс со сета своја сила, околу двесте километри на час, сепак во последен момент ураганот го сврте правецот на движење кон исток и сега како тропска бура се движи кон внатрешноста на Соединетите Држави каде што губи на интензитет.

„Штетата е помала од онаа што ја очекувавме. Невме поим дека и ова ќе се случи, но мислевме дека ќе биде многу полошо од ова.“

изјави еден од граѓаните на Њу Орлеанс. Катрина предизвика хаос и во снабдувањето со електрична енергија и околу милион и триста илјади луѓе во Луизијана, Мисисипи, Алабама и Флорида се без струја. Голем проблем, како што велат спасувачките екипи, претставува недостигот на чиста вода за пиење. Американскиот претседател Џорџ Буш им вети помош на жртвите на ураганот.

„Им порачувам на граѓаните во регионот да ги слушаат локалните влсти. Не ги напуштајте засолништата се додека не добиете знак од локалните власти дека тоа е можно. Кога ќе мине бурата, федералната влада има средства и извори што ќе ви ги достави. Во меѓувреме, Америка ќе се моли.“

Изјави американскиот претседател Џорџ Буш.
Поради тоа што крајбрежните платформи за нафта во Мексиканскиот залив исто така се евакуирани, цената на нафтата кратко време ги достигна рекордните седумдесет долари за барел.

„Влеговме во оваа сезона на урагани со многу ниско ниво на испорака и со зголемена побарувачка. Очигледно е дека тоа ќе биде много лошо за потрошувачите и за економијата воопшто.“

Вели Фадел Гејт, аналитичар за нафтениот пазар од Њујорк. Инаку, ова е втор пат како ураганот Катрина ги погодува копнените делови на Соединетите Држави. Во минатата недела Катрина предизвика поплави во Флорида во кои загинаа седум лица.
XS
SM
MD
LG