Достапни линкови

Македонската Влада мора да внимава со непосредните договори


Владата мора да внимава, со протежирање политика на склучување договори во четири очи неможе да се протежира политика на привлекување на странски капитал, е предупредувањето кое директно на премиерот му го упати директорот на Светската Банка за Македонија Орсалија Каранцопулоус. Станува збор за прво посериозно предупредување по неколку месечното практикување на власта да склучува договори со непосредна спогодба.

„Ако постои можност да се зголеми конкуренцијата во интерес на пазарот тогаш Владата треба да организира наддавање на меѓуранродни понудувачи со што ќе ја зголеми транспарентноста. Знаете ваквите постапки морате да ги спроведете со некаков биланс. Неможете да го избркате приватниот сектор со тоа што ќе станете поголем католик од Папата, или поголем благородник од кралот. Мора да постои рамонтежа помеѓу транспарентноста, профитабилноста и однесувањето на приватниот сектор. Сметаме дека Владата треба да се праша себе си дали е ова добра постапка.“

вели Каранцополус.
Ваквата изјава на Светската Банка од Владата ја толкуваат како потврдување на нивната ориентираност да продолжат со привлекување странски инвестиции преку склучување на договори во четири очи:

„Оваа изјава ја потврдува политиката на Владата на РМ која ќе продолжи и натаму да се спроведува во склучување на непосредни договори, исклучиво за стратешките инвестиции и донесување на значајни бренд имиња во Македонија. Изјавата на Светската Банка воопшто не се коси со политиката која ја спроведува Владата на РМ.“

вели Марјан Ѓуровски, советник за односи со јавноста на премиерот Бучковски. Точно е дека непосредните спогодби имаат свои мани во делот што значи можност за корупција во администрацијата, но со ваквиот начин на привлекување на странски инвестиции целата постапка се забрзува, коментира Ванчо Узунов економски експерт и советник на Претседателот на државата:

„Без непосредни спогодби е намалена ефикасноста, бидејќи целата постапка трае долго, има места за подметнување во процедура, па се одложува целата постапка со месеци и се губи на ефикасност. Со непосредни договори пак, се добива можност за ефикасност, меѓутоа многу се зголемува можноста за корупција бидејќи тука нема контрола. Затоа многу е важно да се најде баланс.“

Пластичен пример за тоа што значи непосредна спогодба, а што запазување на тендерската постaпка е случајот Рамстор и Веро, каде двете фирми купија локации во централното градско подрачје. Турската компанија која одеше преку непосредна спогодба за земјиштето плати само 25 евра по метар квадратен, а грчката компанија која помина преку тендерската постапка плати 510 евра, или 20 пати повеќе.
XS
SM
MD
LG