Достапни линкови

Ефтим Клетников, поет и директор на Струшките вечери на поезијата. Струга е мешавина од поезија и ритуал


Господине Клетников, што ќе биде понудено на овогодинешното 44 одржување на Струшките вечери на поезијата?

Да, годинава се одржуваат 44 струшки вечери на поезијата. Мислам дека тоа е поетски фестивал со најдолг континуитет, без прекин. Програмата на фестивалот има постојан костур, традиционални содржини коишто од време на време се надополнуваат со нови. Во рамките на Струшките вечери на поезијата работи преведувачката работилница на СВП. Тоа е извонреден проект. Нејзина задача е да ги преведува македонските поетски остварувања на светските јазици. Со работилницата работи Зоран Анчевски и пет до шест јазици влегуваат во преводот. Годинава се преведува поезијата на Петар Т Бошковски. Тој е нашиот на наградата Браќа Миладиновци, за стихозбирката Вратика. Иновациите се од година в година. Струга има не само чисто поетски карактер, во смисла на читање поезија. Струга е мешавина од поезија и ритуал.

Какво е значењето на фестивалот со оглед на тоа дека од пред две години е заштитен од УНЕСКО и колку учесници ќе бидат присутни во Струга?

На фестивалот имаме од сите континенти гости. 50-тина поети од светот и 30-тина поети од Македонија, вкупно 36 земји од светот учествуваат. Факт што говори за популарноста на фестивалот и неговиот голем углед во светот. Како што знаете од пред две години Струшките вечери се под стреата на УНЕСКО. Тоа е единствен поетски фестивал во светот примен. Тоа е големо признание за Македонија. Мислам дека УНЕСКО има еден проект што ќе го реализираме со тек на времето да ја направи Македонија центар на светската поезија. На 21 март на светскиот ден на поезијата на Струшките вечери на поезијата им се дава почесно место во УНЕСКО и со нив се отвора таа прослава што е голем дигнитет.

Господине Клетников, да поразговараме за минатогодишните случувања со фестивалот. За прв пат Струшките вечери се одржаа во Скопје поради добро познатите настани што се случија во Струга. Една година подоцна, како гледате на ова искуство и овие настани?

Искуството од лани е мачно и радосно. Мачно затоа што се случи несреќна ситуација, за што најмалку е виновен СВП. Мислам дека фестивалот влезе во матни политички води. Не сакам да ја поставувам дијагнозата, но во секој случај беше несреќна ситуација, но за среќа ја решивме и мораше да се одржи надвор од Струга. Не би рекол дека Струга го изгони фестивалот, но извесни структури од Струга, да речеме Кризниот штаб којшто имаше негативна улога кон фестивалот. Не смееја да посегнат по она што е свето. Тие го зедоа како заложник фестивалот што беше многу несимпатично. Не доаѓаше ниту во еден миг опцијата да не се одржи фестивалот. Посебно што се погоди тој дебакл, во смисла на налет на фестивалот, баш една година по приемот во УНЕСКО. Посегањето по фестивалот значи и посегање по нашиот културен идентитет.

Годинава имаше идеја и за проширување на вечерите во соседна Албанија во Подрадец. Зошто токму Албанија и на што беше резултат оваа идеја која деновиве е соопштено дека нема да се реализира?

Таа идеја е сосема чиста. Одлична. Ние сакавме да ја реализираме со фондацијата Балкан без граници.

Што е целта?

Целта е да се преминат нашите балкански граници со поезија. За момент имагинарно да се укинат границите преку поезија. Братимење на луѓето преку поезијата, да покажеме дека поетите се космополити. Нема кај нив меѓуетнички судири. Тоа е чиста идеја и останува како опција за идната година.

Сметате ли дека дури и поезијата се наоѓа на удар на политиката?

Мислам дека кај нас живееме во тотално исполитизирано време и еден ден кога ќе разбереме дека сме ја потрошиле енергијата во маргините на животот, бидејќи со политика треба да се занимаваат професионални политичари, но кај нас имам впечаток дека секој е втурнат несреќно во политички амбис, од партии до не знам кои поделености. И ланскиот пример со СВП се покажа дека културата е лесно ранлива. За тоа треба и посложена анализа. Од каде тоа доаѓа, зошто да речеме и самите писатели, уметници се исполитизирани иако тоа треба да е далеку од нивната природа. Тоа е тема за специјална и широка анализа.

На крајот, господине Клетников, да се навратиме на случувањата со фестивалот. Да го завршиме разговорот со годинешниот лауреат. Годинава Струшките вечери го почестија големиот американски поет Вилијам Стенли Мервин со златниот венец?

Да, тоа е извонредна личност. Еден од кандидатите за Нобеловата награда. Со голема радост ја прифати поканата и испрати сјајна порака во која и дава големи комплименти на Македонија дека тоа е земја којашто најмногу е најсензибилна кон поезијата. Знаете тоа е голем комплимент. Тука е просторот во кој живее вистински поезијата во светот, а тоа го дал врз база на искуство. Тој беше на струшките вечери како млад поет.
XS
SM
MD
LG