Достапни линкови

Вести

Багдад: Продолжуваат преговорите за предлог уставот

Ирачките лидери и натаму преговараат за нацрт уставот кој треба да биде на дневен ред на парламентот попледнето. Меѓу нерешените прашања се барањата на курдите и шиитите за поголема автономија, за што сунитите сметаат дека ќе доведе до распаѓање на Ирак. Шиитите бараат и поголема улога на исламот во легалниот систем на земјата.

види ги сите денешни вести

Прва пресуда во САД за родители на дете кое извршило масовно убиство во училиште

Џејмс Крамбли (лево) и Џенифер Крамбли (втора од десно) со адвокатите во судницата, 9 април 2024 година.
Џејмс Крамбли (лево) и Џенифер Крамбли (втора од десно) со адвокатите во судницата, 9 април 2024 година.

Родителите на тинејџер од Мичиген кој уби четворица ученици во училиште во 2021 година беа осудени во вторникот на најмалку 10 години затвор затоа што не презеле чекори кои би можеле да ги спречат убиствата.

Џенифер и Џејмс Крамбли се првите родители осудени во САД за масовно убиство во училиште. Тие беа прогласени за виновни за убиство од небрежност, откако обвинителите презентираа докази дека пиштолите не биле обезбедени во домот и дека биле рамнодушни кон менталното здравје на нивниот син Итан.

Итан Крамбли нацртал темни слики од пиштол, куршум и ранет маж на задача по математика. Вработените во гимназијата во Оксфорд не бараа тој да си оди дома, но беа изненадени кога родителите не реагираа за време на краткиот состанок.

Подоцна истиот ден, на 30 ноември 2021 година, тогаш 15-годишниот Итан извадил пиштол од ранецот и почнал да пука во училиштето. Тој веќе издржува доживотна затворска казна за убиство и други кривични дела.

Пред изрекувањето на пресудата, членовите на семејството на учениците кои беа убиени во пукањето побараа од судијата да ги осуди родителите на 10 години, тврдејќи дека нивната себичност довела до четири смртни случаи и трагедија во заедницата.

Турција го ограничува извозот во Израел додека не дојде до прекин на огнот во Газа

Пропалестинските активисти и поддржувачи веат знамиња и носат плакати за време на Националниот марш за Палестина во Истанбул на 17 февруари 2024 година.
Пропалестинските активисти и поддржувачи веат знамиња и носат плакати за време на Националниот марш за Палестина во Истанбул на 17 февруари 2024 година.

Турција ќе го ограничи извозот на широк спектар на производи во Израел, вклучително и челик и авионско гориво, се додека не се прогласи прекин на огнот во Газа, соопшти турското Министерство за трговија на 9 април, што е прв голем потег на Анкара против Израел по шест месеци војна.

Турција го осудува Израел за кампањата во Газа, која беше започната по крвавиот упад во Израел од страна на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври. Анкара повика на итен прекин на огнот, ги поддржа чекорите за судење на Израел за геноцид и испрати илјадници тони помош за жителите на Газа.

Сепак, Анкара одржува комерцијални врски со Израел и покрај силната реторика, што предизвика бурни реакции кај домашната јавност.

Во соопштението објавено по најавата на Анкара дека ќе преземе акција откако Израел го одби барањето на Турција да учествува во пуштањето помош од воздух, Министерството рече дека ограничувањата ќе стапат на сила на 9 април.

Се вели дека мерките ќе се применуваат за извоз на производи од 54 различни категории, вклучувајќи железо, мермер, челик, цемент, алуминиум, тули, ѓубрива, градежна опрема и производи, воздухопловно гориво и друго.

„Оваа одлука ќе остане во сила додека Израел, во согласност со неговите обврски кои произлегуваат од меѓународното право, итно не прогласи прекин на огнот во Газа и не дозволи непречен проток на доволни (количини) хуманитарна помош во појасот Газа“, се вели во соопштението.

Набргу по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, Турција и Израел ги повлекоа своите амбасадори. Потегот од вторник е првата значајна мерка што Анкара ја презеде против Израел од почетокот на конфликтот. Претседателот Реџеп Таип Ердоган се соочува со зголемени критики поради трговските врски на неговата влада со Израел.

Во саботата, полицијата уапси десетици демонстранти во Истанбул кои бараа прекин на трговијата со Израел. Властите суспендираа двајца полицајци вклучени во инцидентот, додека владата работи на обнова на поддршката на народот по убедливата победа на опозицијата на локалните избори на 31 март.

Ставот на Ердоган за Израел и конфликтот во Газа е еден од клучните фактори за губење на поддршката на неговата партија на изборите.

Според податоците објавени од Собранието на турските извозници (ТИМ), додека трговијата со Израел е намалена од 7 октомври, извозот во Израел расте секој месец во 2024 година досега и изнесува 423,2 милиони долари во март.

Вкупниот извоз во првиот квартал од годинава изнесува 1,1 милијарди долари, што е пад од 21,6 отсто во однос на претходната година, покажуваат податоците на ТИМ.

Кина и Русија ја зајакнуваат стратешката соработка

Фотографија објавена од руското Министерство за надворешни работи на 9 април 2024 година ги прикажува рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и кинескиот претседател Си Џинпинг како одржуваат состанок во Пекинг.
Фотографија објавена од руското Министерство за надворешни работи на 9 април 2024 година ги прикажува рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и кинескиот претседател Си Џинпинг како одржуваат состанок во Пекинг.

На 9 април, кинескиот лидер Си Џинпинг се состана со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Пекинг и со заемна пофалба го потврдија нивното заедничко противење на западните демократии во времето на неиспровоцираната руска агресија против Украина.

„Сакаме да ја изразиме нашата најголема благодарност и восхит за успесите што ги постигнавте во текот на годините и пред сè, во текот на последната деценија под ваше водство“, му рекол Лавров на Џинпинг, пренесуваат руските медиуми.

„Искрено сме задоволни со овие успеси, бидејќи тоа се успеси на пријателите, иако не сите во светот го делат овој став и тие се обидуваат на секој можен начин да го попречат развојот на Кина, всушност, како и развојот на Русија“, рече Лавров.

Растечката економска и дипломатска изолација на Русија ја направи Русија сè повеќе да се потпира на Кина, нејзиниот поранешен ривал за лидерство на комунистичкиот блок за време на Студената војна. Во изминатите децении, двете земји тесно ја координираа својата надворешна политика, одржаа заеднички воени вежби и се обидоа да ги здружат неврзаните држави во групи како што е Шангајската организација за соработка.

Лавров претходно во вторникот одржа прес-конференција со својот кинески колега Ванг Ји, кој рече дека Пекинг ќе ја зајакне стратешката соработка со Москва и дека двете земји мора да застанат на страната на „праведноста и правдата“.

„Им благодарам на кинеската страна за нивното сочувство во врска со терористичкиот напад во регионот на Москва на 22 март и за поддршката во борбата на Русија против тероризмот. Сите инволвирани во тој напад секако ќе бидат казнети“, рече Лавров.

Лавров пристигна во понеделник во дводневна официјална посета на Кина. Двете земји сакаат да ги зајакнат дипломатските врски додека Русија ја продолжува војната во Украина.

Кина и Русија се меѓусебните најважни дипломатски партнери. И двете имаат постојани места во Советот за безбедност на Обединетите нации и работат заедно за да ги блокираат иницијативите на САД и нивните сојузници за ширење на демократските вредности и човековите права од Венецуела до Сирија.

Иако Кина не обезбеди директна воена поддршка за Русија, таа ја поддржа дипломатски, обвинувајќи го Западот дека ја провоцира одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја започне војната и се воздржува да ја нарече инвазија поради почитување на Кремљ.

Кина, исто така, рече дека не обезбедува оружје или воена помош за Русија, иако одржува силни економски врски со Москва, заедно со Индија и други земји поради санкциите од Вашингтон и неговите сојузници.

Кремљ предупредува на зголемено ниво на водата во поплавените делови во Русија

Поплави на југот на Русија
Поплави на југот на Русија

Кремљ предупреди дека поплавите допрва треба да го достигнат врвот во неколку региони на земјата. Десетици илјади луѓе во јужна Русија и соседен Казахстан беа погодени од една од најтешките поплави во последните децении, откако невообичаено високите температури го стопија снегот побрзо од вообичаеното.

Повеќе од 10.000 домови веќе се поплавени од водата што тече од планините Урал и Сибир, а илјадници луѓе се загрозени, соопштија локалните власти.

На северот на Казахстан ситуацијата наводно е полоша, бидејќи повеќе од 86.000 луѓе се евакуирани, јавува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

Неколку региони во двете земји прогласија вонредна состојба додека официјалните лица се обидуваат да координираат одговор.

„Сè уште претстојат тешки денови“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинарите во вторникот во Москва.

Песков рече дека рускиот претседател Владимир Путин имал телефонски разговори со неговиот казахстански колега Касим-Жомарт Токаев за заеднички напори за справување со катастрофата.

„Во разговорот беше нагласена блиската соработка на соодветните агенции на двете земји, кои заеднички ја следеа и прогнозираат ситуацијата, презентираа и спроведоа координативни мерки за одговор на ситуацијата“, се наведува во соопштението на веб-страницата на Кремљ,

Во Русија, најлоши поплави беа во областа Оренбург, каде локалната брана во градот Орск пукна три пати од 5 април.

Најмалку пет лица загинаа во поплавите, а во понеделникот локалните жители протестираа пред седиштето на локалната власт во Орск, барајќи посилна официјална акција и повикувајќи го Путин да интервенира.

Песков во вторникот за новинарите изјави дека Путин во моментов не планира да го посети регионот Оренбург, нагласувајќи дека претседателот „се грижи за ова прашање“ дури и кога не е на лице место.

Според последните информации од Министерството за вонредни ситуации на Казахстан, 3.365 приватни куќи и 348 домаќинства се уште се под вода во регионите Атирау, Акмола, Актобе, Северен Казахстан и Костанај.

Се наведува дека 15 камиони со 300 тони хуманитарна помош, вклучувајќи храна, шатори, облека, батериски ламби и генератори на струја, пристигнале во четири региони погодени од поплавите.

Олимписките кругови ќе бидат поставени на Ајфеловата кула

Ајфелова кула во Париз
Ајфелова кула во Париз

Олимписките кругови ќе бидат поставени на Ајфеловата кула, соопштија денеска организаторите, додека Париз се подготвува да одбележи 100 дена до почетокот на Олимписките игри.

На јужната страна на познатата Ајфелова кула стара 135 години, ќе бидат изложени олимписките кругови долги 29 метри и високи 15 метри, направени целосно од рециклиран челик.

Работите за поставување на петте олимписки кругови ќе почнат на крајот на месецот, соопштија организаторите.

Оваа година е забележан пораст на бројот на посетители на Ајфеловата кула.

Околу 10.500 спортисти ќе продефилираат со чамци на Сена на свеченото отворање на Олимписките игри на 26 јули, а натпреварите ќе траат до 11 август.

ЕУ ги укина санкциите за иранска компанија обвинета за цензура на интернет

Американскиот Стејт департмент вели дека ќе ги задржи санкциите бидејќи „Арван Клауд“ одржува блиски односи со иранското Министерство за разузнавање (Фото од веб-страницата на Министерството за разузнавање на Иран)
Американскиот Стејт департмент вели дека ќе ги задржи санкциите бидејќи „Арван Клауд“ одржува блиски односи со иранското Министерство за разузнавање (Фото од веб-страницата на Министерството за разузнавање на Иран)

Официјален претставник на Европската унија вели дека се укинати санкциите за иранскиот технолошки стартап „Арван Клауд“ (ArvanCloud) бидејќи ЕУ повеќе не гледа потреба од санкции против компанијата што некогаш ја обвинуваше дека е вклучена во цензура на интернет во Иран.

На 4 април, Советот на ЕУ одлучи да ги укине санкциите за „Арван Клауд“ помалку од две години откако ги воведе без објаснување. Официјален претставник на ЕУ ја потврди одлуката за РСЕ доцна на 8 април.

Компанијата се уште е под американски и британски санкции.

ЕУ воведе санкции за „Арван Клауд“ во ноември 2022 година, во екот на протестите низ Иран, поради неговата наводна вмешаност во цензура на интернет и „напорите на иранската влада да го исклучи интернетот“ за време на немирите.

ЕУ, исто така, ја обвини компанијата дека има врски со луѓе „одговорни за сериозни прекршувања на човековите права во Иран“, вклучувајќи го и министерот за информатичка и комуникациска технологија Иса Зарепур.

Во тоа време, компанијата „Арван Клауд“ изјави дека „не успеала да се спротивстави на гласините и да ја одбрани својата „невиност“.

Компанијата сега ја поздрави одлуката на ЕУ за укинување на санкциите и рече дека одлуката е донесена откако поднела „техничка и правна документација“ до Европскиот суд на правдата со која ги оспорува санкциите.

Официјален претставник на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, изјави за РСЕ на 8 април дека за време на редовниот преглед на режимот на санкции, земјите-членки на блокот „се согласија дека повеќе нема причини компанијата да остане на списокот“.

„Ова се заснова на разгледување и оценка од надлежните органи на Советот, кои се доверливи“, рече претставникот без да го спомене судскиот случај.

Очигледниот недостаток на транспарентност на ЕУ ги налути поборниците за санкции.

Бришењето на компанија од листата за кршење на човековите права е длабоко вознемирувачко, рече Махса Алимардани, висок програмски офицер за Блискиот Исток и Северна Африка во организацијата за човекови права Член 19 со седиште во Велика Британија.

„Имаше многу мала јавна транспарентност на процесот или можности за вклучување на граѓанското општество“, додаде тој.

Протечениот документ, за кој Алимардани рече дека неговата организација независно го верификувала, сугерира дека владата на иранскиот конзервативен претседател Ебрахим Раиси ја поддржала тужбата на „Арван Клауд“.

Соединетите држави и Велика Британија воведоа санкции за оваа компанија во 2023 година, а Вашингтон вели дека нема намера да ја отстрани компанијата од листата на санкции.

„Арван Клауд“ ќе остане под санкции на САД поради неговата јасна улога во овозможувањето цензура на штета на народот на Иран“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер на прес-конференција на 8 април.

Тој додаде дека компанијата „одржува блиски односи“ со иранското Министерство за разузнавање.

„Ова е многу опасен преседан за застапување и одговорност за човековите права“, рече Алимардани за одлуката на ЕУ, но додаде дека многу силните и постојани санкции на САД може дополнително да ја одвратат ЕУ од бизнисот со „Арван Клауд“.

САД и ја предадоа запленетата иранска муниција на Украина

Фотографијата објавена од Централната команда на САД (CENTCOM) на 15 февруари 2024 година покажува пратка од, како што рече американската војска, иранско оружје наменето за јеменските бунтовници Хути, кои нејзината морнарица го заплени од брод во Арапското Море на 28 јануари.
Фотографијата објавена од Централната команда на САД (CENTCOM) на 15 февруари 2024 година покажува пратка од, како што рече американската војска, иранско оружје наменето за јеменските бунтовници Хути, кои нејзината морнарица го заплени од брод во Арапското Море на 28 јануари.

Соединетите Американски Држави и дадоа на Украина оружје и муниција запленети во пратка од Иран наменета за бунтовниците Хути во Јемен поддржани од Техеран, соопшти американската војска на 9 април.

Трансферот дојде минатата недела бидејќи Украина се соочува со значителен недостиг на муниција, а републиканците во Конгресот блокираа нова помош.

„Американската влада префрли над 5.000 АК-47, митралези, снајперски пушки, и над 500.000 парчиња муниција од 7,62 милиметри на украинските вооружени сили“ на 4 април, објави американската Централната команда на САД (ЦЕНТРОМ) на мрежата X.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предупреди дека ситуацијата се влошува и дека Украина може да се соочи со пораз доколку брзо не го добие американскиот воен пакет помош од 60 милијарди долари.

Минатата година, американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот да одобри предлог-закон за дополнителни трошоци од 95 милијарди долари, кој вклучува 14 милијарди долари за Израел, заедно со 60 милијарди долари за Украина, поддршка за Тајван и милијарди за хуманитарна помош.

Тој пакет помина во Сенатот со 70 отсто поддршка во февруари, но беше блокиран во Претставничкиот дом. Водачите на тој дом не го ставија пакетот на гласање, главно поради нивниот приговор за дополнително финансирање на Украина.

Бугарија доби преодна влада, најавени предвремени избори во јуни

Димитар Главчев
Димитар Главчев

Бугарската привремена влада предводена од премиерот Димитар Главчев положи заклетва во парламентот на 9 април, откако беше назначена од претседателот Румен Радев, кој најави и предвремени општи избори за 9 јуни.

Изборите, кои ќе бидат шести од април 2021 година, беа поттикнати од одбивањето на популистичката партија Има таков народ (ИТН) на 28 март да формира влада, третата партија која одбива мандат.

Претходно, партијата на десниот центар ГЕРБ и нејзиниот поранешен коалициски партнер, прозападната Промените продолжуваат/Демократска Бугарија (ЦЦДБ), изјавија дека не можат да формираат нов кабинет.

По изборите во април минатата година, Бугарија имаше заедничка влада поддржана од реформистичката ЦЦДБ и ГЕРБ. Тие се договорија за 18-месечна влада со ротирачки премиери - прво Николај Денков од ЦЦББ, а по девет месеци Марија Габриел од ГЕРБ.

Денков поднесе оставка на 5 март за да и дозволи на ГЕРБ да ја води владата во следните девет месеци, како што беше договорено. Но, Габриел не успеа да формира влада, а Денков на 27 март ја одби поканата на Радев да се обиде да формира влада.

Новите избори треба да се поклопат со изборите за бугарски пратеници во Европскиот парламент. Пред изборите во април 2023 година, земјата беше управувана од привремени влади назначени од Радев во отсуство на стабилна избрана коалиција.

На 6 април Радев му даде мандат на Главчев, шеф на Ревизорскиот суд на Бугарија, да формира преодна влада. Кабинетот на Главчев е шестата преодна влада назначена од Радев откако стана претседател и прва што беше формирана според новите правила усвоени на крајот на минатата година.

Главчев пред да стане прв човек на Судот на ревизори беше член на ГЕРБ, а претседател на Парламентот во 2017 година.

Бугарија е најсиромашната од 27-те членки на Европската унија и се бори со широко распространета корупција. И оваа балканска земја се бори со политичка нестабилност по големите антикорупциски протести во 2020 година. Според новиот деловник, актуелниот парламент ќе продолжи со работа, додека главна задача на преодната влада ќе биде организација на претстојните избори.

МВР приведе тројца за пожарот во Универзална сала

Пожар во Универзална сала
Пожар во Универзална сала

Тројца работници кои изведувале работни задачи се приведени во врска со пожарот што утринава се случи во Универзалната сала во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Од полицијата велат дека пожарот е пријавен во СВР Скопје во 09.45 часот во СВР Скопје. По добиената пријава, на терен се упатиле полициски службеници и припадници на Бригадата за противпожарна заштита, кои околу 11.30 часот го изгасија пожарот.

„Со возило на Итна медицинска помош во Клиниката за токсикологија се однесени две лица Е.С. (48) и А.Т. (41) поради вдишување на чад. Од страна на екипи на ЕВН во целата околина на салата е прекинато снабдувањето на електрична енергија, при што на ул. „Петар Поп Арсов“ во лифтовите на зградите имаше заглавени две жени, кои беа извлечени од страна на Единицата за интервентна полиција“, се вели во соопштението од МВР.

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска го повика МВР итно да ги истражи причините за пожарот.

„Министертвото за внатрешни работи итно да ги истражи причините и доколку се детектира дека е во прашање човечки фактор и мотивирано е од погрешната и небезбедна градба за што има соодветна документација, за која укажувавме пред две години и поради која одбивме да продолжиме со изведувачот избран од претходното раководство, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност“, напиша Арсовска на Фејсбук.

Причината за пожарот во салата, која почна да се реновира пред еден месец, засега не е позната.

Поради поплавите во Русија, вонредна состојба во три области

Поглед на поплавениот град Орск во регионот Оренбург, Русија, 9 април 2024 година
Поглед на поплавениот град Орск во регионот Оренбург, Русија, 9 април 2024 година

Ситуацијата со поплавите во Русија сè уште е тешка, а министерот за вонредни ситуации Александар Куренков денеска пристигна во областа Оренбург, каде што е најлошо и каде се поплавени повеќе од 10 000 куќи.

Илјадници жители се евакуирани во јужниот дел на Русија и северниот дел на Казахстан бидејќи топењето на снегот и пукањето на браната продолжуваат да го зголемуваат нивото на водата.

Нивото на водата во Оренбург во изминатите 24 часа порасна за 25 сантиметри, а во градот беа поплавени околу 2000 куќи. Градоначалникот на Орск, Василиј Кожупица изјави дека во тој град се поплавени 6929 згради, а евакуирани се 2493 лица.

Поглед на плоштадот Гагарин погоден од поплавите во градот Орск
Поглед на плоштадот Гагарин погоден од поплавите во градот Орск

Нивото на водата во некои делови од Курганската област, која исто така е зафатена од поплави, од вчера(8 април) порасна за 157 сантиметри, а властите најавија дека врвот на поплавниот бран ќе биде утре.

Според руското Министерство за вонредни состојби, на тоа подрачје се поплавени 10327 станбени објекти и 12821 приватна парцела.

Регионите на јужниот дел на Урал годинава се соочија со невидени поплави, а вонредна состојба беше воведена во регионите Оренбург, Курган и Тјумен.

Поглед на поплавениот брег и област во близина на Лесоторгови, во околината на Орск
Поглед на поплавениот брег и област во близина на Лесоторгови, во околината на Орск

Рускиот претседател Владимир Путин вчера нареди формирање на специјална владина комисија за справување со проблемите предизвикани од поплавите.

Руската метеоролошка агенција соопшти дека очекува поплавите во Оренбург и околните области утре (10 април) да го достигнат врвот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG