Достапни линкови

Јасни пораки во врска со продолжувањето на преговорите за нуклеарната програма на Иран


Претседателите на Соединетите Држави и на Иран разменија јасни пораки во врска со продолжувањето на некои нуклеарни активности на Техеран. Сепак, иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад изрази добра волја да ги продолжи разговорите со европските преговорачи, што пак беше поздравено од Џорџ Буш. Во меѓувреме, во Виена е во тек состанокот на Меѓународната агенција за атомска енергија посветен на последните чекори на Иран.

Американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека длабоко се сомнева во однос на иранските нуклеарни амбиции и оти Техеран се уште би можело да се соочи со санкции од Обединетите Нации. Говорејќи им на новинарите во неговата летна резиденција во Тексас, Буш се осврна и врз новите изјави на Ахмадинеџад дека Иран е подготвен да ги продолжи разговорите со европската преговарачка тројка, Франција, Германија и Британија и оти имал нови предлози.

,,Ако го рече тоа, мислам дека е позитивен знак оти иранците ја примија пораката дека не само Соединетите Држави се загрижени за нивните нуклеарни програми, ами и европејците кои постојано бараат да преговараат за ова прашање.”

Иран во понеделникот во постројката во близина на Исфахан почна со конвертирањето на суровиот ураниум во гас. Тоа е старт на процесот што води кон изработка на полнење за нуклеарно оружје. Ахмадинеџад вели дека неговата земја не сторила ништо незаконски. Тој и со оценката дека понудата на европската тројка со цел Техеран да се откаже од нуклеарните активности била навредлива. Ова предизвика реакција од британскиот амбасадор во Агенцијата за атомска енергија Питер Џенкис кој изјави:

,,Сигурен сум дека знаете оти тие го окарактеризираа нашиот предлог за навредлив и побараа извинување. Се што можам да кажам е дека ќе почекаат многу време за тоа.”

Шефот на иранската делегација во Виена Сирус Насери се обиде да ги објасни последните активности на Техеран:

,,Чекорот да продолжиме во Исфахан апсолутно нема за цел да ги заплаши нашите партнери или пак да ги испровоцира. Тоа беше чекор на безнадежност и разочараност од европската намера на таков начин да постигнат договор со нас.”

Мохамед ел Барадеи, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија изрази надеж дека одлуката на Иран да ја продолжи нуклеарната работа нема перманентно да ги наруши односите меѓу Техеран и Агенцијата.

,,Се надевам дека ова едноставно е привремен, а не траен прекин на процесот.”

Оптимистички изјави Барадеи.
XS
SM
MD
LG