Достапни линкови

Една автобуска станица е легална, но четири се во функција


Во Скопје, во моментов функционираат неколку автобуски постојки на кои се врши превоз на патници во странство. Старата автобуска на „Пролетер“, новата кај Транспортниот центар, автобуската на Дрводекор и кај старата железничка станица. Од нив, легална и законска е само новата автобуска:

„За меѓународниот превоз на патници и од внатрешноста на државата утврдена е локацијата на транспортниот центар, којшто по завршувањето на неговата изградба има употрбна дозвола и е комплетно во функција. Останатите локации на кои превозници го вршат превозот во домашен и меѓународен сообраќај не се легални, односно подлежат на санкционирање,“

објаснува Трајко Базарко, началник на сообраќај во Советот на градот.

Надлежни за контрола на автобуските превозници и за спречување на хаосот што владее се инспекциските служби на министерството за транспорт и врски. Оттаму велат дека деновиве донеле нов правилник со кој се утврдува висината на надоместокот кој треба да го платат автобуските превозници, за користење на единствената меѓународна автобуска станица во Транспортниот центар:

„Можеби 80 насто од превозниците склучија договори, а цената треба да ја утврди министерството за транспорт и врски што е и направено. Но, тоа оди споро, некои превозници не се задоволни од цената што треба да ја плаќаат и тие оваа работа, односно качување и слегување патници ја вршат надвор од автобуската станица, за што проблем се прави и кај патниците и кај нас кај инспекцијата. Ние имаме повеќе решенија кои им налагаат на превозниците да го почитуваат возниот ред и да ги користат утврдените автобуски стојалишта. Другата мерка е и одземање на дозволите,“

вели директорот на државниот инспекторат за транспорт Љупчо Миајлевски, додавајќи дека според правилникот се прави разлика помеѓу линиските и слободните превозници.

За слободни се сметаат туристичките агенции кои патниците ги земаат од различни места во градот, како на пример кај Хотелот Бристол или пред фабриката Треска и за нив не важи правилникот.
XS
SM
MD
LG