Достапни линкови

Дали кабинетот на Коштуница стои зад најавите?


Во барањата кои Белград им ги упатува на македонските власти за ослободување од затвор на Јован Вранишковски, најдалеку отиде министерот за капитални инвестиции Велимир Илиќ кој дал налог за приземјување на два авиона на ЈАТ што биле издадени на МАТ и кој најави прекин на соработката со Македонија. Но, засега останува нејасно дали ваквата најава ќе ја спроведува само министерот Илиќ или зад неговите зборови стои целиот кабинет на премиерот Воислав Коштуница.

Српскиот министер за капитални инвестиции Велимир Илиќ изјави дека налогот за приземјување на авионите претставува почеток на втората поостра фаза откако неговото обраќање до претседателот на Македонија Бранко Црвенковски за, како што вели, ослободување на српскиот егзарх во Македонија Јован Вранишковски не вроди плод.

,,По сето ова наложив да се приземјат сите авиони и едноставно да се запрат сите летови и не сакаме воопшто да имаме соработка со Македонија. Не сакаме да соработуваме доколку еден ваков настан се толерира од претседателот и премиерот на Македонија. Тие велат судството е независно. Да, но тие се одговорни. Не може да се апси српски егзарх без причина.”

порача Илиќ од Саборот на трубачите во Гуча. Но, во Белград останува нејасно дали зад ваквата одлука за несоработка на Србија со Македонија стои и целиот кабинет на Воислав Коштуница. Во неговата Демократска партија на Србија, скоро во исто време кога Илиќ ја соопштуваше својата одлука, изразуваа уверување дека нема да дојде до дестабилизација на добрососедските односи и до дестабилизација на состојбите во регионот.

,,Тоа е она што најмалку би сакале и навистина на никаков начин никој од Србија не се обиде, ниту пак сака да се меша во состојбите кај нашиот сосед. Но навистина не можеме да прифатиме на ваков начин поради верски работи и односи меѓу двете цркви на ваков начин да се казнува Јован.”

Рече Андреја Младеновиќ, портпарол на оваа партија во која изразуваат сигурност дека македонските власти ќе најдат начин да го ослободат Јован. И Мирослав Прокопиевиќ, соработник на Институтот за пазарни истражувања оценува дека не е многу паметно да се апасат луѓе поради изразено мислење. Тој и на став дека и реакцијата на српската страна е крајно погрешна.

,,Тоа е реакција која е вистинска ескалација, така да кажам, во однос на она што некогаш се случуваше во време на почетокот на распаѓањето на Југославија, најпрвин спрема Словенија, а потоа и спрема другите кои не се согласуваа со Милошевиќ. Значи, тоа е повторување на истиот концепт и се надевам дека ќе се откажат од тоа, бидејќи може да донесе пред се економски штети, а подоцна и некои други големи проблеми.”

Вели Мирослав Прокопиевиќ од Институтот за пазарни истражувања.
XS
SM
MD
LG