Достапни линкови

Експертите сметаат дека отсуствува поделба на одговорноста со Фондот за економската стратегија


Соработката на Македонија со ММФ трае веќе 11 години. Првиот аранжман од 1994 година имаше цел поддршка на имплементирањето на програмата за макро економска стабилност и побрза транзиција кон пазарна економија. Професорот од економскиот факултет Живко Атанасовски вели дека во сите овие години аранжманот покажува ефекти само на макро економски план:

„До сега, независно од тоа колку владата била доследна во спроведувањето на аранжманите со ММФ резултатите изостанувале, на планот на развојот, економскиот раст, вработувањето. Единствената придобивка е макроекономската стабилност, која сама по себе создава претпоставки на нови инвестиции за развој на штедењето.“

Другите бенефиции изостануваат, потенцира Атанасовски, пред се, затоа што ММФ „бутка“ концепт кој не е прилагоден кон македонските услови и затоа до сега се покажа како неуспешен:

„Владата добро ги води преговорите со ММФ од аспект на склучување на аранжманот. Инаку, моето искуство од учеството во тие преговори покажува дека не станува збор за преговори туку за ситни усогласувања и прифаќање од македонска страна на она што бордот на директори во Вашингтон го решил.“

Тој потенцира дека е многу важно македонскиот тим во преговорите да настапува подготвено. Но, проблемот Атанасовски го лоцира и кај ММФ, кој како што вели до сега не преземал одговорност за лошата економска состојба во Македонија од осамостојувањето:

„Постојано таа одговорност ја префрла на владата, дека ништо не направила. И мислам дека ако ММФ е партнер во спроведувањето на економската стратегија, тогаш на крајот мора да има и некаква одговорност.“

Дел од вината за неповолната клима за странски инвестиции, смета тој, треба да ја сноси и ММФ. Една од точките во годинешниот договор со ММФ е токму подобрувањето на бизнис климата преку воведувањето на едношалтерскиот систем, намалувањето на пречките за инвестиции и скратувањето на стечајната постапка.
XS
SM
MD
LG