Достапни линкови

Топ теми уставните промени и безбедносната состојба


Безбедносната состојба и уставните промени, се главните теми за кои лидерите на парламентарната опозиција, ќе разговараат и ќе ги пренесат своите предлози и ставови, на поединечните средби со премиерот Владо Бучковски. Серијата средби започнува денеска попладне со претседателот на најголемата опозициона партија ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.
Средбата ќе ја искористиме за да побараме од премиерот енергични мерки за решавање на безбедносната состојба и секако да ги пренесеме нашите несогласувања околу уставните промени, информира членот на извршниот комитет на оваа партија Силвана Бонева.

,,Нашиот став е дека треба да се интервенира во Кондово и на сите други места кои што се надвор од контрола на институциите на државата. Што се однесува за уставните амадмани пак, не се согласуваме во делот на одредбите за Претседателот на државата.”

вели Бонева.

Поканата на премиерот ја прифати и ВМРО Народна. Сметаме дека дел од територијата на главниот град е окупирана и поради тоа имаме неколку предлози кои ќе побараме да бидат спроведени, ова е пораката што претседателот на ВМРО Народна Весна Јаневска, ќе му ја пренесе на премиерот Бучковски.

,,Сметаме дека државните институции треба да го спроведуваат законот на таа територија.”

Во врска со уставните промени пак, ВМРО Народна ќе биде отворена за соработка, се до нивното донесување:

,,Тоа е нешто што значи усогласување со европската легислатива и токму затоа ние како партија, целосно ќе соработуваме во тој правец,”

потенцира Јаневска.

Од партиите од македонскиот опозиционен блок, Бучковски ќе оствари средба и со лидерот на Либералната партија Стојан Андов, а од албанската опозиција покани се испратени до лидерите на ПДП и ДПА. Претседателот на ПДП Абдулади Вејсели вели дека ќе го информира премиерот за нивните предлози околу уставните промени и безбедносната состојба.

,,Ние начелно ја дадовме нашата согласност за измените на Уставот кои се во сферата на правосудството, а во делот за безбедносната состојба како што стои во поканата, премиерот Бучковски ќе информира и за ова, па ќе видиме која ќе биде нашата платформа.”

За разлика од ПДП, која се одзва на поканата на Бучковски, во ДПА сеуште размислуваат:

,,Сеуште не сме решиле, но најверојатно нема да учествуваме.”

накусо изјавува Имер Алиу портпарол на ДПА.

Поединечните средби закажани за попладневните часови, ќе траат до крајот на наделава, а на нив освен за овие две прашања, ќе се разговара и за предлог законот за парнична постапка и законот за следење на комуникациите кои веќе се во собраниска процедура.
XS
SM
MD
LG